Дописници МКДОпштински вести

Во општина Маврово и Ростуше во домашна изолација само лицата кои беа затекнати во Дебар

Во општина Маврово и Ростуше во домашна изолација се уште 18 лица, од околу стотина кои беа на почетокот на минатиот месец.

Дебар, 7 април 2020 (МИА) – Во општина Маврово и Ростуше во домашна изолација се уште 18 лица, од околу стотина кои беа на почетокот на минатиот месец.

-Станува збор за лица кои беа затекнати во Дебар, кога во оваа и во соседната општина, Центар Жупа беше прогласена кризна состојба. Откако им беше дозволено да го напуштат градот, со решение тие мора да останат во самоизолација уште 14 дена. Тие се во добра здравствена состојба, изјави за МИА, градоначалникот Медат Куртовски, кој раководи и со Кризниот штаб за заштита од корона вирусот

Тој информираше дека Кризниот штаб на денешната попладневна средба одлучил да се продолжи со дезинфекција на јавните површини и објекти, што беше прекината поради неповолните временски услови.

Дезинфекција во следните денови ќе се врши во подрачјето на Маврово, бидејќи ваква активност е завршена во сите населени места во подрачјето на Река.

Исто така одлучено е дека треба да се продолжи со доделување помош за најранливите категории.

– За оваа намена Советот на Општина Маврово и Ростуше донесе одлука за обезбедување на финансиски средства во висина од 100.000 денари, Националниот парк „Маврово“ 60.000 денари и приватна фирма 15.000 денари. Тие ќе бидат префрлени на Црвен Крст кој ќе изврши набавка на прехрамбени и други производи и ги дистрибуира до лицата кои се во списокот направен во соработка со месните заедници, вели Куртовски, додавајќи дека со оваа помош ќе бидат опфатени над 170 семејства.

Штабот упати апел до граѓаните на општината строго да ги почитуваат одлуките донесени од Владата на РСМ особено оние кои ќе почнат да важат од утре (8 април) каде е ставен акцент на забраната на движење од среда после 16:00 часот и за време на викендот каде има целосна забрана за движење.

-Уште еднаш се заблагодарувам за досегашното совесно однесување на жителите од нашата општина, со строгото почитување на препораките, што придонесе да немаме ниту сомнителни, ниту заразени лица. Само преку дисциплина и разум можеме да го победиме овој опасен вирус, апелира Куртовски.вт/ир

Таг
Back to top button
Close
Close