Дописници МКДОпштински вести

Во Македонска Каменица објавен конкурс за доделување стипендии на студенти и ученици од основното и средното училиште

Општина Македонска Каменица го објави конкурсот за доделување стипендии за ученици во основното и средното образование и студенти од општина Македонска Каменица за учебната/студиска 2019/2020 година.

Македонска Каменица, 5 февруари 2020 (МИА) – Општина Македонска Каменица го објави конкурсот за доделување стипендии за ученици во основното и средното образование и студенти од општина Македонска Каменица за учебната/студиска 2019/2020 година.

Општината годинава, како што информираа надлежните, ќе додели 20 стипендии за ученици во основното и средното образование и студенти од општина Македонска Каменица.

– Од нив шест стипендии ќе бидат доделени на редовни ученици од основно образование,
осум стипендии на редовни ученици во државните средни училишта и шест стипендии на редовни студенти запишани на државните универзитети. Стипендиите се во износ од 3.000 денари и ќе се доделуваат за период од 10 месеци во текот на една учебна односно студиска година, информираа надлежните.

Меѓу главните услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите за доделување стипендии согласно објавениот конкурс е тие да бидат жители на општина Македонска Каменица, да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или компании.

– Притоа учениците во основно образование можат да се пријавуваат започнувајќи од осмо одделение, учениците во средно образование може да се пријават започнувајќи од втора учебна година, додека студентите може да се пријавуваат започнувајќи од втора студиска година, информираа од општина Македонска Каменица.

Пријавувањето почнува од денеска и ќе трае 15 работни денови до 25 февруари до 15.30 часот. Начинот и останатите услови за пријавување по овој конкурс, како што додадоа, се објавени на општинската веб-страница. вс/рп/

Back to top button
Close
Close