0_Македонија.ПорталДописници МКДМКД

Во Крива Паланка отворена јубилејна изложба на Валентина Илијевска

Десеттата, јубилејна изложба на академскиот уметник Валентина Илијевска од Куманово, со која одбележува и десет години творештво, беше отворена денеска во Крива Паланка.

Крива Паланка, 3 март 2021 (МИА) – Десеттата, јубилејна изложба на академскиот уметник Валентина Илијевска од Куманово, со која одбележува и десет години творештво, беше отворена денеска во Крива Паланка.

Во галерискиот простор на Национална установа Центар за култура, Крива Паланка, поставени се вкупно триесет и три дела, цртежи и графики, насловени „Квадратот низ графики и цртежи“.

– Ова е трето поставување на мојата јубилејна изложба со број десет, која се поклопи во 2020-та со јубилејните десет години творештво, а симболика има во повеќе сегменти, како и во делата, 33, кои, се исто колку и моите години. Изложбата премиерно беше поставена во декември 2020 година, а  е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Во сите дела е претставен симболичниот син квадрат кој што провејува низ целокупното мое творештво, каде понекогаш дури се прикажува и тродимензионално, како коцка. Истиот е препознатлив за човекот и неговото живеење, ги симболизира четирите ѕида на домот, четирите страни на светот, годишните времиња. Дополнително, квадратот е и симбол на дуалноста на духовното и световното живеење на човекот, на воздухот, небото и водата кои ни се неопходни за да живееме, а се обојуваат во сино, изјави Илијевска.

За нејзините дела говореше Вања Јакимовска од НУЦК, од одделот за ликовна дејност, која ја истакна добрата соработка со авторката која веќе им е добро позната на кривопаланчани и поради нејзината реставраторска работа во црквата Св. Димитриј во градот.

Во областа на реставрацијата, пак, самата авторка посочи дека ќе работи и на докторска дисертација.

Делата на Илијевска ќе бидат поставени во Центарот за култура Крива Паланка во следните две седмици. ид/ар/

 

Таг
Back to top button
Close
Close