0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Во Кочани пониски комуналии за 20 отсто до крајот на годината

Инвеститорите и граѓаните кои до крајот на оваа година во Кочани ќе градат објекти за домување ќе плаќаат за 20 отсто понизок надоместок за уредување на градежното земјиште, односно за комуналии.

Кочани, 3 феврури 2020 (МИА) – Инвеститорите и граѓаните кои до крајот на оваа година во Кочани ќе градат објекти за домување ќе плаќаат за 20 отсто понизок надоместок за уредување на градежното земјиште, односно за комуналии.

Едногласна одлука за намалувањето донесе општинскиот Совет, при што првичниот предлог со кој се предвидуваше тоа да трае до крајот на мај, беше продолжен до 31 декември.

– Намалувањето на висината на надоместокот за комуналии, утврден со Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општината за 2020 година, се однесува на изградбата на објекти со намена за домување и комерцијални дејности, но не и за викенд куќите на Пониква, истакна Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам.

Намалувањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште е практика што се реализира неколку години наназад, а целта е да им се помогне на инвеститорите да ја поевтинат изградбата на своите објекти. Сепак, годинава по првпат попустот ќе важи цела година, а од локалната самоуправа информираа дека тоа нема негативно да се одрази на веќе испланираните приходи во буџетската сметка.

Инаку, во текот на 2019 година биле издадени 62 одобренија за градба, од кои околу 60 отсто се за индивидуално и колективно домување, а останатите се за изградба на објекти со стопанска и комерцијална дејност. та/вг/

Back to top button
Close
Close