Kultura.SlajderДописници МКДКултураКултура.Портал

Во Кочани почна 57. Драмски аматерски фестивал

Со изведба на монодрамата „Лидија, или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски, а во изведба на Игор Трпчевски, синоќа во Кочани почна педесет и седмото издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ).

Кочани, 8 септември 2020 (МИА) – Со изведба на монодрамата „Лидија, или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски, а во изведба на Игор Трпчевски, синоќа во Кочани почна педесет и седмото издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ).

На свеченото отворање беше нагласено дека наместо во вообичаениот термин, кон крајот на мај, годинава манифестацијата се одржува по неколкумесечно одложување поради пандемијата од Ковид-19.

Претседателот на Управниот одбор на фестивалот, Дарко Спасов информираше дека под мотото „Викај ура!“, со почитување на сите протоколи за здравствена заштита и на учесниците и на публиката, театарските претстави ќе се реализираат како викенд-изданија до средината на октомври.

– Веќе 43 години Кочани е домаќин и љубоморно ја чува организацијата на ДАФ, а ова е една од најтешките фестивалски години. Сепак, успеавме да ги надминеме предизвиците и одлучивме фестивалот да се одржи, заради трудот на драмските аматери во целата држава, коишто сакаме да ги мотивираме и поттикнуваме, но и заради публиката. Единствена причина за тоа е љубовта кон театарот, нешто што не е обврска и не е мотивирано од никакви други побуди, освен од желбата да се одржи драмскиот аматеризам. Управниот одбор на ДАФ одлучи дека ако постојат театарски групи во државата, кои направиле театарски претстави, тогаш заслужиле да ги одиграат пред нашата публика. Без оглед на ограниченоста поради специфичната состојба што ја имаме оваа година, потврда дека фестивалот има иднина е што лани претставите ги видоа над 1.700 гледачи. Се надеваме дека догодина ситауацијата ќе се нормализира, па и драмските аматери и публиката ќе ни се вратат во комплетен број, истакна Спасов.

Во рамки на овогодишниот ДАФ ќе бидат прикажани две премиери, на Интимен театар – Битола и на НУЦК „Бели мугри“ од Кочани, а со свои изведби ќе гостуваат и Домот на културата од Виница, градскиот театар „Сцена 71“ од Свети Николе, Драмското студио „Спотлајт“ од Штип, како и две претстави од Република Србија.

Покрај театарските претстави, на фестивалот ќе има и придружна програма во која е планирана вечер на љубовна поезија и концерт со акустична гитара и сликарска изведба во живо. Настап ќе имаат и членовите на Афористичарската репрезентација на Македонија, а за најмладите ќе се одржи претстава со марионети во градскиот парк. та/дма/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close