Дописници МКДОпштински вести

Во Кочани ќе се гради нова градинка со фотокаталитичка фасада за прочистување на воздухот

Новата детска градинка што треба да се гради во населбата Драчевик во Кочани, ќе биде првобјект во државата кој ќе добие фотокаталитичка фасада преку која ќе се врши прочистување на воздухот во внатрешноста на објектот.

Кочани, 8 август 2019 (МИА) – Новата детска градинка што треба да се гради во населбата Драчевик во Кочани, ќе биде првобјект во државата кој ќе добие фотокаталитичка фасада преку која ќе се врши прочистување на воздухот во внатрешноста на објектот. Ова меѓу другото беше кажано на јавната расправа во Кочани што ја организираше Министерството за труд и социјална политика, а во рамки на проектот за креирање дополнителни места во предучилишните установи преку изградба на нови градинки и преку доградби и адаптации на постојните објекти.

-Новата градинка во Кочани ќе биде пилот објект, современо проектиран по најнови стандарди, ќе се простира на две нивоа со вкупна површина од 995 квадратни метри. Во состав на градинката ќе има шест занимални, а капацитетот е за 110 деца. Дополнително, ќе има надворешно покриено игралиште на површина од илјада квадратни метри, кое исто така ќе донесе новитети кај нас, со оглед што поради природата на косиот терен, игралиштето ќе продолжи кон фасадата на зградата и ќе обезбеди можности за зголемени физички активности и за учење и едукација на дечињата. Фотокалитичката фасада ќе врши прочистување на околниот воздух од смог и друг вид загадувања, истакна Маја Даскаловска, архитект во проектна единица на Министерството за труд и социјална политика.

Идејниот проект за градинката го изработил светски признатиот архитект Јуре Котник од Словенија, чија замисла е тоа да биде зграда насочена кон децата и нивната поголема безбедност и можности за здрава физичка активност.

Проценките на локалната власт се дека изградбата и опремувањето на новиот објект на детската градинка, инаку шести по ред во Кочани, ќе чинат околу два милиони евра.

По презентацијата и јавната расправа за новата детска установа, наскоро Министерството за труд и социјална политика ќе спроведе тендерска постапка за избор на изведувач, по што се очекува многу бргу  да почнат и градежните работи на терен. Освен во Кочани, беше најавено дека нови детски градинки со проектот на Министерството ќе се градат уште во неколку градови во државата, за што во подготовка се техничките проекти. та/ир

 

 

 

Таг
Back to top button
Close
Close