Дописници МКДОпштински вести

Во Кичево 24 лица под 18 години вакцинирани со „Фајзер“

Од минатата среда до денеска во Здравствениот дом во Кичево вакцинирани се 24 лица помлади од 18 години со вакцината на „Фајзер“. За примање прва доза од вакцината беа пријавени 30 млади лица, од кои 12 дојдоа на закажаниот термин.

Кичево, 27 јули 2021 (МИА) – Од минатата среда до денеска во Здравствениот дом во Кичево вакцинирани се 24 лица помлади од 18 години со вакцината на „Фајзер“. За примање прва доза од вакцината беа пријавени 30 млади лица, од кои 12 дојдоа на закажаниот термин.

Главната сестра во Здравствениот дом, Милица Ѓореска изјави дека преостанатите 12 лица дополнително се пријавиле и сите ја примиле вакцината на „Фајзер“.

– Во Здравствениот дом во Кичево интересот на младите за да се вакцинираат против Ковид-19 е просечен и во првата седмица се вакцинираа 24 лица од кои првите 12 беа дел од најпрво пријавените 30 млади лица, од кои се одѕваа само 12. Бидејќи вакцината на „Фајзер“ во едно пакување содржи шест дози, мораме да осигураме минимум пет лица за вакцинација, за рационално да ја употребиме вакцината, рече Ѓореска и нагласи дека од вчера започнала вакцинација во домашни услови на лица кои се хендикепирани, не можат да се движат или имаат слични проблеми.

Во првите два дена во Здравствениот дом во Кичево за вакцинација во домашни услови, појасни таа, се пријавија 15 наши сограѓани, кои беа посетени од наша екипа и беа вакцинирани против Ковид-19. Посочи дека во исто време се одвива и теренската вакцинација во општината.

– Веќе две недели тече теренската вакцинација во руралните средини каде дневно се вакцинираат околу 50 лица.Така во текот на денешниот ден теренската вакцинација се спроведуваше во селата Другово, Србјани, Пополжани и Манастирско Доленци, а за утре планирана е теренска вакцинација во дури шест села и тоа Извор, Малкоец, Попоец, Душогубица, Подвис и Добреноец, додаде Ѓореска и нагласи дека и во Здравствениот дом се одвива вакцинацијата на лицата кои досега не беа вакцинирани и дневно се вакцинираат од 250 до 300 граѓани.

Таа потенцира дека две екипи од Здравствениот дом секојдневно вршат вакцинација на лицата кои во досегашниот период не беа вакцинирани, а се постари од 18 години.

– Во текот на еден ден се вршат од 250 до 300 вакцинации со вакцините на кинески „Синовак“ и британската „Астра Зенека“, додека целосно заврши вакцинацијата и ревакцинација со кинеската вакцина „Синофарм“, додаде Ѓореска. за/рп/

Back to top button
Close
Close