Svet.SlajderСветСвет.Портал

Во Јерихон се оддржа најголемиот протест против планот на Трамп за анексија на Западниот брег

Илјадници луѓе вечерва се собраа во Јерихон на протест против окупацијата на Западниот Брег.  „Нема палестинска држава без Долината на Јордан“ и „Палестина не е на продажба“, изјавија илјадниците насобрани  на протестот, најголемиот на Западниот Брег од објавувањето на американскиот план за Блискиот исток, кон крајот на јануари, јавија француските медиуми.

Јерихон, 22 јуни 2020 (МИА) – Илјадници луѓе вечерва се собраа во Јерихон на протест против окупацијата на Западниот Брег.  „Нема палестинска држава без Долината на Јордан“ и „Палестина не е на продажба“, изјавија илјадниците насобрани  на протестот, најголемиот на Западниот Брег од објавувањето на американскиот план за Блискиот исток, кон крајот на јануари, јавија француските медиуми.

По објавувањето на американскиот план за Блискиот исток, што беше остро критикуван од палестинското раководство, досега се одржаа многу протести со десетици и стотици учесници. Овој пат, партијата Фатах, на претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, и покрај епидемиолошките мерки околу новиот коронавирус, повика на масовна мобилизација во Јерихон, арапски град што е лоциран во јужниот дел од Јорданска долина, во близина на Мртвото море, пренесе Хина.

Планот на американската администрација предвидува Израел да ги анектира еврејските колонии и Долината Јордан, огромно земјоделско подрачје на Западниот Брег и да формира палестинска држава на географски намалена територија.

Палестинското раководство соопшти дека добило меѓународна поддршка за протести против планот,  додека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да ја објави својата стратегија за спроведување на американскиот план по 1 јули.

Илјадници луѓе вечерва се собраа во Јерихон, а меѓу нив беше и Мохамед Ишлун (48) од бегалскиот камп Агабат Јабер, на излезот од градот.

-Дојдов да протестирам против анексијата, затоа што веќе нема да има земја за палестинска држава доколку Израел ја спроведе анексијата, рече тој за француските медиуми.

„Нема да дозволиме Израел да ја преземе нашата земја“, додаде Камал Саид, вработен во христијанска НВО, акој живее во истиот камп.

Претставникот на ОН за Блискиот исток, Николај Младенов, исто така, го критикуваше планот на Трамп, повикувајќи ги Палестинците мирно да му се спротивстават.

-Вие не сте тука потстанари, ова е вашиот дом, им рече Младенов на Палестинците, барајќи дипломатите да се спротивстават на планот за анексија „не губејќи ни час“.

„ОН сметаат дека анексијата е во спротивност со меѓународното право (…) Доколку се спроведе, тоа ќе значи крај на надежта дека мирот и палестинската држава може да се постигнат преку преговори“, рече Младенов, повикувајќи ги Палестинците да не го „напуштат патот на ненасилството“.

По окупацијата на Западниот брег во 1967 година, Израел подигна и легализира мрежа од населени места што се нелегални според меѓународното право. Денеска повеќе од 450.000 луѓе живеат во еврејските населби на Западниот Брег, а тој број во последната декада се зголеми за речиси 50 проценти, покажуваат израелските податоци.

Европските и блискоисточните земји ја осудија израелската анексија на цели делови на Западниот Брег, но не објавија конкретни мерки. И кинеските и руските претставници зедоа учество на протестот во Јерихон, јавија француските медиуми. сд/

Back to top button
Close
Close