0_Web_Насловна-слајдерSvet.SlajderСветСвет.Портал

Во експлозијата во Бејрут загинаа повеќе од сто луѓе, а околу 4.000 се повредени

Врховниот совет за одбрана на Либан го прогласи главниот град Бејрут за погоден од природна непогода и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба по силната експлозија во која загинаа повеќе од 100 лица, а се повредени повеќе од 4.000.

Бејрут, 5 август 2020 (МИА)Врховниот совет за одбрана на Либан го прогласи главниот град Бејрут за погоден од природна непогода и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба по силната експлозија во која загинаа повеќе од 100 лица, а се повредени повеќе од 4.000.

На итен состанок на Советот беше одлучено да се формира посебна комисија за да се истражи причината за експлозијата во пристаништето во централниот дел на Бејрут, а извештајот треба да се заврши за пет дена, пренесува агенцијата ТАСС.

Како што јавуваат локалните медиуми, во текот на ноќта Бејрут останал во мрак, а пожарникарите сè уште ги гаснат преостанатите пожари на местото на експлозијата. Облаци од црн чад и натаму се креваат кон небото.

Јавните служби почнаа да ги отстрануваат урнатините.

Делот од градот каде се случи експлозијата е уништен, а голем број згради се речиси целосно оштетени.

Министерот за здравство Хасан Хамид изјави дека болниците се полни со повредени лица, поради што и хотелите во центарот на Бејрут ќе примаат пациенти на кои не им е потребна операција.

Според податоците на германскиот геонаучен центар ГФЗ, експлозијата била еднаква на земјотрес со јачина од 3,5 степени, а се слушнала и подалеку од Кипар, на повеќе од 200 километри преку Медитеранот.

Либанскиот претседател Мишел Аун синоќа изјави дека е недозволиво 2.750 тони амонијак, за кој се претпоставува дека е причина за експлозијата во Бејрут, да се чува шест години без никакви безбедносни мерки.

Аун на Твитер побара одговорните за овој пропуст да бидат „строго казнети“.

Абас Ибрахим, шеф на државната безбедност на Либан, претходно изјави дека експлозијата е предизвикана од високо експлозивен материјал одземен од брод пред некое време и складиран во пристаништето.

Премиерот на Либан, Хасан Диаб синоќа изјави дека одговорните за големата експлозија во опасниот магацин во бејрутското пристаниште, ќе ја платат цената за тоа.

– Ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност… Одговорните ќе ја платат цената, истакна Диаб.

Тој додаде дека магацинот се наоѓа во пристаништето од 2014 година, но оти нема да зборува за тоа, бидејќи истрагата за причините за експлозијата се во тек.

Арапските медиуми објавија дека сопругата и ќерката на либанскиот премиер Диаб, како и неколку негови советници, се повредени.

Во меѓувреме, високи официјални претставници од многу земји понудија хуманитарна и каква било друга помош на Либан во решавањето на катастрофата, во период кога земјата се справува и со пандемијата на коронавирусот и со економска криза.

Израелските министри за одбрана и за надворешни работи, Бени Ганц и Габи Ашкенази изјавија дека Израел преку меѓународни безбедносни и дипломатски канали и понуди медицинска и хуманитарна помош на либанската Влада.

Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека неговата земја е подготвена да обезбеди секаква можна поддршка и помош на Либан по експлозијата во пристаништето во Бејрут.

„Фотографиите и видеата од Бејрут вечерва се шокантни. Сите мои мисли и молитви се со оние кои се погодени од овој ужасен инцидент“, напиша Џонсон синоќа на Твитер.

Британскиот премиер додаде дека „Велика Британија е подготвена да обезбеди поддршка на кој било начин, вклучувајќи ги и британските државјани кои таму се затекнале“.

Претходно, шефот на француската дипломатијата Жан-Ив ле Дријан на Твитер напиша дека „Франција секогаш е на страната на Либан и на либанскиот народ“.

Тој истакна дека Франција е подготвена да пружи помош во зависност од потребите на либанските власти.

Исто така и Грција и Кипар понудија помош доколку е потребно и изразија жалење и сочувство до Владата на Либан.

Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање“, додека, пак, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис преку официјалниот Твитер профил изрази подготвеност за каква било неопходна помош.

И иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф понуди помош за Либан.

– Нашите мисли и молитви се со големиот и силен народ на Либан, напиша Зариф на Твитер, додавајќи оти Иран „како и секогаш во целост е подготвен да ја пружи целата неопходната помош“.

По силната експлозија што вчера го потресе Бејрут, во чест на големиот број жртви, египетските пирамиди и зградата Бурџ Калифа синоќа беа во боите на либанското знаме.

На тој начин, Египет им оддаде почит на сите жртви кои загинаа во Бејрут.

Исто така, и Дубаи, со осветлување на најголемата зграда во светот Бурџ Калифа во боите на знамето на Либан, им оддаде почит на жртвите. паг/

 

Таг
Back to top button
Close
Close