СветСвет.Портал

Во експлозијата во Бејрут загинаа најмалку 30 лица, а над 3.000 се повредени

Претседателот на Либан, Мишел Аун итно свика состанок на Врховниот одбранбен совет по големата експлозија што го потресе Бејрут, додека премиерот Хасан Диаб најави дека утре ќе биде ден на национална жалост поради големиот број на жртви

Бејрут, 4 август 2020 (МИА) – Претседателот на Либан, Мишел Аун итно свика состанок на Врховниот одбранбен совет по големата експлозија што го потресе Бејрут, додека премиерот Хасан Диаб најави дека утре ќе биде ден на национална жалост поради големиот број на жртви.

Либанскиот министер за здравство Хасан Хамад изјави дека во експлозијата загинале најмалку 30 лица, а околу 3.000 се повредени во експлозијата што се случи во бејрутското пристаниште, во близина на центарот на Бејрут.

Директорот на либанскиот Црвен Крст, Жорж Кетанех изјави дека се уште не е познат точниот број на повредени, бидејќи голем број на луѓе се под урнатините на куќите.

Пожарот предизвикан од експлозијата се уште не е изгаснат.

Според либанската телевизија ЛБЦИ, хоспитализирани се над 500 луѓе, а десетици лица ќе бидат оперирани. Медимите јавија дека некои од болниците не се во состојба да примат повеќе пациенти.

Експлозијата предизвика уривање на терасите на зградите, кршење на прозорците и друга материјална штета и предизвика огромен облак прашина и чад.

Според либанската државна новинска агенција ННА, експлозијата се случила во градското пристаниште, каде се сместени магацини со експлозив.

Според неименувани безбедносни извори експлозијата се случила во магацин за хемиски супстанци.

Претходно, дел од локалните медиуми објавија дека инцидентот се случил каде се сместени магацините со пиротехнички материјали.

Во меѓувреме, францускиот шеф на дипломатијата Жан-Ив ле Дријан на Твитер напиша дека „Франција секогаш е на страната на Либан и на либанскиот народ“.

Тој истакна дека Франција е подготвена да пружи помош во зависност од потребите на либанските власти.

Исто така и Грција и Кипар понудија помош доколку е потребно и изразија жалење и сочувство до Владата на Либан.

Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање“, додека пак претседателот на Кипар Никос Анастасиадис преку официјалниот Твитер профил изрази подготвеност за било каква неопходна помош.

И иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф понуди помош за Либан.

– Нашите мисли и молитви се со големиот и силен народ на Либан, напиша Зариф на Твитер, додавајќи оти Иран „како и секогаш во целост е подготвен да ја пружи целата неопходната помош“. ми/

Таг
Back to top button
Close
Close