Граѓански секторДописници МКДОпштински вести

Во Делчево се спроведе акцијата за чистење на дивите депонии

Во рамки на акцијата „Администрацијата чисти со Не биди ѓубре“ иницирана од Владата, вработените од Општина Делчево, Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ и претставници од институциите денеска масовно се вклучија во еко-акцијата за чистење на диви депонии во Делчево. 

Делчево, 14 декември 2019 (МИА) – Во рамки на акцијата „Администрацијата чисти со Не биди ѓубре“ иницирана од Владата, вработените од Општина Делчево, Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ и претставници од институциите денеска масовно се вклучија во еко-акцијата за чистење на диви депонии во Делчево.

Во Делчево, како што информираа од Општината, се чистеа критичните локации претходно утврдени од Општинскиот инспекторат и ЈКП „Брегалница“, а за потребите на акцијата Јавното претпријатие ја
стави во функција и потребната механизација.

– Се чистеа локации кај мостот на ул „Индустриска“, дивата депонија во близината на манастирот „Св.Балаклија“, пешачката патека Делчево-с.Ѕвегор, кејот на река Брегалница, како и депонијата
во с.Град, информираа од Општината.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој активно се вклучи во акцијата, изрази задоволство од вклученоста на администрацијата во оваа акција и истакна дека секој поединец треба
со свој пример да придонесе за почист град и почисто Делчево.

– Општина Делчево со задоволство се вклучува во акцијата иницирана од Владата и според мене ова е одличен пример за општествена одговорност и грижа за почиста животна средина на сите поединци
вработени во институциите, но и воопшто на секој граѓанин. Дивите депонии не се создаваат сами, туку тие се резултат на негрижата за животната средина и лошите навики. Ние не смееме да создаваме депонии по навика и не смееме да дозволиме ѓубрето да го нагрдува нашиот убав град и сите треба со свој личен пример да придонесеме за почисто Делчево, рече Трајковски.

Славчо Јосифовски од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот истакна дека самото тоа што во централното градско подрачје има купишта смет е грда слика која не може да им биде пример за помладите генерации.

– Ова претставува една грда слика во централното градско подрачје и е лош пример за помладите. За да не се повторува ваквата слика сите треба активно да работиме на подигање на свеста кај несовесните граѓани и повеќе да се грижиме за животната средина, истакна Јосифовски.

Во 2019 година ова е трета акција за почиста животна средина во организација на Општината. Пред еден месец беше организирана и акција за пошумување во рамките на која беа засадени 200 садници во
централното градско подрачје. вс/см/

Back to top button
Close
Close