Дописници МКДОпштински вести

Во Делчево досега се вакцинирани околу 300 граѓани

Две групи, двајца негуватели и еден воспитувач од делчевската градинка „Весели цветови“ се во изолација поради случаи на Ковид-19 во установата. Како што информираше директорката на градинката Билјана Симовска, изолацијата на вкупно 27 деца ќе заврши на 16 април, по што градинката ќе функционира со полн капацитет.

Делчево, 13 април 2021 (МИА) – Две групи деца, двајца негуватели и еден воспитувач од делчевската градинка „Весели цветови“ се во изолација поради случаи на Ковид-19 во установата. Како што информираше директорката на градинката Билјана Симовска, изолацијата на вкупно 27 деца ќе заврши на 16 април, по што градинката ќе функционира со полн капацитет.
-Најголем дел од персоналот ја има прележано болеста, така што може да се каже дека има имунитет во установата. Сите позитивни се со лесни симптоми, немаат здравствени проблеми. Откако имаме почнато со работа, во градинката имаме четири случаи на деца заболени од Ковид-19. Помеѓу самите нив трансмисија немаме, поголем дел од трансмисијата е помеѓу персоналот, вели Симовска.

 

Во таа насока, додава таа, вакцинацијата е од огромно значење во целиот процес на згрижување на децата.

– Секој кој може да ја прими вакцината, порачувам задолжително да ја прими, бидејќи се штити самиот себе, ги штитиме децата, се заштитуваме од родителите, а дополнително и ние ги штитиме нив за, не дај Боже, ако се случи нешто, да поминеме полесно, додаде Симовска.

Негувателката Верче Златковска која ја има примено првата доза од вакцината против Ковид-19, порача до сите родители кога ќе бидат во можност да се вакцинираат најмногу заради своите деца.

-Вакцината за мене значи мое лично здравје, здравје за овие мали души што ги чуваме и пред се општествена одговорност.  Апел до родителите кога ќе бидат вакцините достапни до сите, дека треба сите да се вакцинираат, рече Златковска.

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски денеска поразговара со дел од персоналот кој ја прими вакцината. Тој истакна дека радува фактот што имунизацијата во Делчево е прифатена од повеќето граѓани.

-Согласно со националниот план за вакцинација на критичната инфраструктура и повозрасните наши сограѓани кои се вакцинираат на пунктот во Делчево, досега се вакцинирани околу 300 граѓани. Во оваа фаза се вакцинираа вработени во градинката, полицијата, наставници од основните училишта кои држат настава со физичко присуство, како и здравствени работници во јавното задравство кои веќе ја примија и втората вакцина. Во таа смисла, овие кадри кои се најизложени на контакти и се најпотребни за функционирање на овие битни институции, го препознаа значењето на вакцината, како единствен начин да се победи коронавирусот, посочи Трајковски.

Упати апел граѓаните и понатаму да се придржуваат до превентивните мерки за заштита од Ковид-19 и да се пријавуваат за вакцинација, која според него е единствено оружје за борба против вирусот. вс/хс/

Back to top button
Close
Close