Дописници МКДОпштински вести

Во битолското ОУ „Кирил и Методиј“ промовирана еко-инвестиција

Почетокот на второто полугодие во основното училиште „Кирил и Методиј“, Општина Битола и Министерството за животна средина и просторно планирање го одбележаа со промоција на еколошка инвестиција вредна пет милиони денари.

Битола, 21 јануари 2020 (МИА) – Почетокот на второто полугодие во основното училиште „Кирил и Методиј“, Општина Битола и Министерството за животна средина и просторно планирање го одбележаа со промоција на еколошка инвестиција вредна пет милиони денари.

Со вложените средства во ОУ „Кирил и Методиј“-Битола ќе се промени начинот на загревање и наместо греење со дрва од денес ќе се користат инвертори кои нема да загадуваат.

– Овој проект е одличен за децата, за околината, а согласно европската Агенција за животна средина, емисиониот фактор на ПМ честици во воздухот значително се намалува. Во оваа година очекуваме Општина Битола да аплицира со проекти за објекти кои ќе добијат локален приоритет. Јавниот повик за општините е отворен до 28 јануари, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули за време на посетата на ОУ „Кирил и Методиј“ во Битола.

Според градоначалничката Наташа Петровска реализацијата на проектот е потврда за одличната соработка меѓу локалната и централната власт.

– Од денес почнува новото еколошко греење во ОУ „Кирил и Методиј“ кое овозможува голема ефикасност во заштитата на животната средина. Како општина интервениравме и во ОУ „Александар Турунџев“ каде се заменети 24 врати кои директно придонесуваат за енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Влогот на МЖСПП за општина Битола е голем и значителен, а во 2020 година ќе лоцираме и ќе интервенираме врз други објекти, најави Петровска.

Во ОУ „Кирил и Методиј“-Битола второто полугодие го почнаа 456 ученици. мт/мс/

Back to top button
Close
Close