Дописници МКДОпштински вести

Во Бигорски и црквата заштитничка на Дебар празнувањето на Голема Богородица со строго запазување на здравствените протоколи

Во познатото македонско древно светилиште Бигорски манастир во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар, празнувањето на Голема Богородица, ќе биде со строго запазување на здравствените протоколи и мерките за заштита од Ковид-19.

Дебар, 26 август 2021 (МИА) – Во познатото македонско древно светилиште Бигорски манастир во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар, празнувањето на Голема Богородица, ќе биде со строго запазување на здравствените протоколи и мерките за заштита од Ковид-19.

– На денот кога го славиме сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во свештената Бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, со Света архијерејска Литургија, што ќе започне утре, на 27 август, во 21:30 часот, информираа од Бигорската Обител.

Додаваат дека во текот на богослужението, пред Богородичната плаштаница во цветниот епитаф, ќе се испеат Богородичните статии.

– Поради постојната пандемија со Ковид-19, а согласно мерките и препораките на Министерството за здравство, како и на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, споменот на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во Бигорскиот Манастир, ќе се празнува со строго запазување на предвидениот протокол за заштита, односно со држење на соодветно растојание, носење на заштитни маски и ограничување на бројот на присутни, додаваат од Бигорската обител.

Со запазување на здравствени протоколи ќе се одбележи и патронот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар, која се смета за заштитничка на градот.

– Во чест на овој голем празник на Мајка Богородица на 28 август со почеток во 7:30 часот ќе одржиме света златоустова литургија. Ги замолуваме верниците кои ќе присуствуваат на литургијата строго да ги почитуваат мерките за заштита, изјави за МИА, Миле Ангеловски, намесник на дебарската парохија.

Овој божји храм се наоѓа во населбата Варош, во горниот дел на градот, изградена е во средината на 19 век, најверојатно 1840 година на постари темели од 11 век. Црквата е трокорабна со базиликална архитектура со фрески, а има особено убав иконостас од 19 век.

Црквата некогаш била седиште на митрополија, која опфаќала простор сè до соседниот албански град Пешкопеја, па и ден денес просторот пред црквата сите дебрани го именуваат како митрополија.вт/ир

Back to top button
Close
Close