Политички партии

ВМРО-ДПМНЕ: Антикорупциска да го испита случајот со ЈП „Дрисла“

Вчера обзнанивме голем скандалозен тендер, договорен во 4 очи, во период на вонредната состојба. Додека граѓаните умираат од вирусот Ковид-19 и ги губат своите работни места, Владата на СДСМ го „цеди“ буџетот на граѓаните.

Скопје, 25 април 2020 

Почитувани,

Вчера обзнанивме голем скандалозен тендер, договорен во 4 очи, во период на вонредната состојба. Додека граѓаните умираат од вирусот Ковид-19 и ги губат своите работни места, Владата на СДСМ го „цеди“ буџетот на граѓаните.

Фирмата „Алпима градба тим“ ДООЕЛ Струмица, како единствен понудувач во 4 очи доби тендер од ЈП Дрисла и Шилегов во висина од над 12 милиони денари или над 200.000 евра.

Сопственик на фирмата која го доби тендерот е Александар Пиперевалиев, инаку бизнис партнер со Горан Крстев, кој пак е еден од најблиските бизнис партнери на семејството Заеви, и човек кој со Зоран Заев беше аболиран за „Глобал“.

Но, дали е точно дека зад овој скандал има и роднинска спрега, односно дали е точно дека Пиперевалиев освен тоа што е близок пријател е и роднински поврзан со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски? И, дали е точно дека директорот на ЈП Дрисла, Коста Начевски, е прв братучед на сопругата на генералниот секретар Драги Рашковски?

Сега веќе јавноста може сама да процени како се добиваат тендерите од ЈП Дрисла.

Еве Драги Рашковски јавно нека каже која е поврзаноста помеѓу него и Пиперевалиев?

Дали ова значи дека градежните машини кои ги изнајмил братучедот на сопругата на Рашковски преку ЈП Дрисла се на блискиот пријател и роднински поврзан со Рашковски, Александар Пиперевалиев?

Јавно прашуваме дали овој тендер е доделен со амин на Рашковски и Шилегов и дали лично Драги Рашковски има влијаено за доделување на овој тендер?

Дали заради ова беше борбата на тендерашот Шилегов за Дрисла? Како од сите фирми во Македонија баш се погоди таа што е блиска до Заеви да ја изведува работата?

Јавно повикуваме случајот да го испита и антикорупциската комисија, имајќи предвид дека истата оваа фирма која го добила тендерот нема искуство со други тендери.

Почитувани,

Ова е начинот на работа на СДСМ!

Прашање: Дали имате одговор од другата страна во врска со повикот на претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба?

Одговор: Од она што го знаеме, од она што имавме прилика да го видиме се уште има молк од другата страна односно нема никакви информации. Еве ја користам оваа прилика уште еднаш да го реафирмирам и уште еднаш да го повторам барањето односно потребата од свикувања на една таква лидерска средба каде што всушност ќе се разговара за најбитните работи кои што во моментов се случуваат во државата и секако дека на таа лидерска средба како приоритет мораат да бидат здравјето и животот на граѓаните односно она што се случува со корона вирусот и секако како тоа влијае врз стопанството и економијата во Република Македонија.

Прашање: Во рамките на една јавна набавка објавена од страна на Владата на Република Македонија имајќи во предвид дека се наоѓаме во вонредна состојба и се кратат непродуктивните трошоци Владата има објавено тендер за набавка над три тона кафе и околу половина тон апетисани. Дали може коментар околу ова?

Одговор: Нека ми прости јавноста но ова е еден класичен вид на забегување. Во оваа ситуација, во која што се наоѓа не само нашата држава туку и целиот свет да им е дојдено до кафе и до бадеми навистина не знам дали има потреба на било кој начин да го коментираме бидејќи сметам дека јавноста, граѓаните на Република Македонија го препознаваат односно гледаат што всушност се случува. Навистина не разбирам како воопшто нормален човек може тоа да го прави. Ќе им порачам само еве додека пијат кафе нека се сетат само на сите оние луѓе кои што се погодени од кризата, на сите заразени, на целиот медицински персонал и сите останати кои што се борат со корона вирусот а немаат соодветна заштитна опрема.

Ви благодарам на вниманието.

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Back to top button
Close
Close