Дописници МКДОпштински вести

Владимирово подготвено за деветтите Владимирски Илинденски Средби

Жителите на беровското село Владимирово се подготвени за деветтите по ред Владимирски Илинденски средби. Настанот секоја година се одржува под мотото „За Илинден каде и да си, во Владимирово да си“. Претседател на истоименото здружение, Бранко Ужевски информираше дека целта е иселениците со заедничка веселба да се потсетат на некогашните времиња.

Берово, 30 јули 2021 (МИА) – Жителите на беровското село Владимирово се подготвени за деветтите по ред Владимирски Илинденски средби. Настанот секоја година се одржува под мотото „За Илинден каде и да си, во Владимирово да си“. Претседател на истоименото здружение, Бранко Ужевски информираше дека целта е иселениците со заедничка веселба да се потсетат на некогашните времиња.
 
-Владимирските Илинденски средби започнуваат од денеска и ќе траат до 2 август со настап на повеќе македонски музички ѕвезди, турнир во мал фудбал, служење на Илинденски ручек и многу други содржини. Упатуваме отворена покана во наредните четири дена, сите да го посетат Владимирово, рече Ужевски. 
 
Како дел од настанот, како што додаде Ужевски,  во знак на оддавање почит на учесниците во познатата Готенска битка, секоја година се реализира и таканареченото „Готенско муарабе“.
 
-Како и секоја година, вториот ден во рамки на настанот се организираме и реализираме посета на планината Готен, за да ја одбележиме битката која се случила во Илинденскиот период. Готенско муарабе ќе започне во 9 часот, а ќе заврши со свечен ручек, додаде Ужевски.
Она што останува како најголема болка за помладите и постарите жители е иселувањето, а единствен настан на кој сите меѓусебно можат да се извидат се токму Владимирските Илинденски средби.
-Како најголем хендикеп за селото е тоа што повеќето образовани луѓе се иселени најмногу во Скопје како и западно европските земји, вели постар жител на селото.
-Владимирово е село како и сите други села е зафатено со миграцијата. Оваа година нешто што малку ни дава еден вид сатсисфакција е што подолго време имаме повеќе првачиња, кои од септември ќе тргнат на училиште, додаде претседателот на здружението Бранко Ужевски.
За популарноста на настанот говори и фактот што Владимирово има сопствена музичка химна во изведба на познатите уметници Ленче и Горан Кукиќ, чија главна порака гласи „Ладимерци дека и да сте, на Илинден дома да сте“.вс/бт/

 

 

Back to top button
Close
Close