0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштество

Владиката Јосиф и претседателот на Комисијата за верски заедници во посета на Бигорскиот манастир

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски денеска беа во посета на Бигорскиот манастир.

Дебар, 29 јули 2020 (МИА) – Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски денеска беа во посета на Бигорскиот манастир.

Остварија средба со епископот г. Партениј со кого разговараа за тековните активности во манастирот и за јубилејот – 1000 години од основањето на Свештената Бигорска Обител, чија прослава е предвидено да се одржи на 18 октомври.

Партениј во знак на благодарност му подарил архијерејски жезол на митрополитот Јосиф. Пред да биде востоличен за митрополит Тетовско-гостиварски, владиката Јосиф беше дел од Бигорското братство.

Отец Кирил за МИА изјави дека денеска во посета на Бигорскиот манастир биле и членовите на Црковниот одбор на црквата „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“ од мијачкото село Лазарополе.

-Целта на посетата беше одблиску да му честитаат на нашиот Старец за неговата неодамнешна хиротонија за епископ и да му ја изразат својата благодарност за досегашната соработка и грижа за православните светињи во Лазарополе и во Мијачијата, изјави отец Кирил.

Тие, според досегашната повеќегодишна пракса, го поканиле г. Партениј да им отслужи архијерејска Литургија на празникот Илинден. вт/бак/

Back to top button
Close
Close