0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталПолитика

Вклучување на граѓаните и здруженијата во работата на општинските совети за дополнителна демократизација

Поголема децентрализација и вклучување на граѓаните и здруженијата во работата на општинските совети, поголеми овластувањата на општинските инспекциски служби и поголем удел од ДДВ, но и финансирање на сите деца и млади до 25 години кои сакаат да научат македонски, албански, турски, влашки, српски или ромски јазик.

Скопје, 12 септември 2020 (МИА) – Поголема децентрализација и вклучување на граѓаните и здруженијата во работата на општинските совети, поголеми овластувањата на општинските инспекциски служби и поголем удел од ДДВ, но и финансирање на сите деца и млади до 25 години кои сакаат да научат македонски, албански, турски, влашки, српски или ромски јазик.

Ова се само дел од владините проекти во следните четири години за дополнителна демократизација на единиците на локална самоуправа и градење на едно општество за сите.

За поголема децентрализација, Владата во следните четири години се обврзува дека:

– ќе се разговара за можностите за зголемување на уделот на ДДВ и персоналниот данок на доход што се издвојува за локалната самоуправа, и тоа со утврдена неколкугодишна динамика со механизми за поттикнување на нивната ефикасност во зголемување на наплатата и на општинските јавни давачки;

– ќе воведе нови, поефикасни инструменти за поддршка на општините, со цел да ги подобрат своите перформанси. Грант за еквилизација и Грант за перформанси, со што се воведува еден систем на стимулација и компетитивност на општините што носи квалитетни и навремени услуги;

– секоја единицa на локалната самоуправа која ќе користи средства од државниот буџет ќе мора да прифати јасни правила за транспарентност во своето работење и ставање на увид на јавноста на сите финансиски трошоци, преку системот на Отворени финансии.

– ќе предложи законски решенија со кои граѓаните и здруженијата ќе имаат можност да предлагаат точки на дневен ред и да учествуваат во работата на Советот. Граѓаните, здруженијата и месните заедници задолжително ќе учествуваат во донесувањето на развојните програми и на буџетот на општината, а обврската за консултации со граѓаните ќе се прошири и на програмите на општините;

– ќе ги зголеми овластувањата на општинските инспекциски служби и ќе овозможи да се организираат во заеднички акции на регионално и државно ниво заради соодветно справување со предизвиците во делот на комуналните работи, градежништвото, заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните и регулирање на сообраќајот.

Владата, исто така, се обврзува дека го поддржи процесот на реформи на комуналниот сектор со грантови и со евтини кредити за модернизирање на машините и опремата на локалните јавни претпријатија, дека ќе води политика на групирање на сите капитални инвестиции за општините на едно место, како и дека ќе обезбеди организациски и финансиски ресурси за да помогне особено на помалите општини кои немаат доволен капацитет одеднаш да се справат со реализација на големи проекти.

– На тој начин ќе го стимулира локалниот и регионалниот развој, особено преку максимална искористеност на претпристапните и новите структурни и кохезиони фондови на Европската Унија, се вели во програмата на Владата за следните четири години.

Во владината програма се потенцираат вредностите на толеранцијата, правичноста, еднаквите можности, признавање на различностите, во мултикултурализмот и интеркултурната комуникација, во социјална правда, еднакви можности на жените и мажите, вклученост и учество на граѓаните во одлучувањето и постигнување општествена кохезија.

– Европската Унија се темели на различни народи, различни култури и јазици, но говори и работи на принципот на заедништво низ разликите. Ние сме вистински пример дека оваа политика и овие вредности можат да функционираат и на Балканот. Тоа беше возможно бидејќи не ги прифативме вредностите како дел од европското acquis или како нивен услов, туку како наша верба и определба дека нашиот мозаик на култури, јазици и обичаи не прави побогати и подобри, се вели во владината програма за следните четири години.

Владата во својата програма се обврзува дека ќе работи на еднакво општество за сите и дека во првите шест месеци ќе ги дооформи Агенцијата и Инспекторатот, врзани со примена на Законот за употреба на јазиците.

Во мултиетничките општини најавува зголемување на содржините во областа на образованието и културата кои придонесуваат за зближување на граѓаните, како и финансирање на сите деца и млади до 25 години кои сакаат да научат македонски, албански, турски, влашки, српски или ромски јазик.

Планот е уште во првиот месец одново ќе го предложи Законот за заштита и спречување на дискриминација, а ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини.

Планирано е воведување годишна награда за најдобра идеја/проект со кој се развива и промовира концептот на еднакво општество за сите, стимулирање на филмска продукција за деца и млади на повеќе јазици, формирање на национални совети на заедниците кои се помали од 20 проценти од вкупното население на државата.

Во програмата се предвидува и обезбедување поддршка на институциите и културното творештво на помалубројните заедници, како и на проекти кои обезбедуваат поголема интерактивност и кохезија. аа/ац/

Back to top button
Close
Close