Дописници МКДОпштински вести

Високата влажност го зацврсти родот на раните овошни насади во Пијанец

Високата влажност во овој период од годината ги стави на удар доцните сорти на овошни насади, на кои како што додаваат експертите треба да им се изврши соодветниот третман пред да навлезат во полн род. Според агрономот Ѓоко Јовановски, за раните сорти влажноста е идеална особено за овошјата кои се пред зреење.

Делчево, 24 јуни 2020 (МИА) – Високата влажност во овој период од годината ги стави на удар доцните сорти на овошни насади, на кои како што додаваат експертите треба да им се изврши соодветниот третман пред да навлезат во полн род. Според агрономот Ѓоко Јовановски, за раните сорти влажноста е идеална особено за овошјата кои се пред зреење.

-Кај раните овошки како на пример крушата, заштита во овој период не е препорачливо, затоа што дел од пестицидите се задржуваат најмалку три недели. Кај дел од овошјето кое е пред берба, треба да се внимава на овошните „вошки“, кои вообичаено ги има во овој период од годината, кои се најголем предизвикувач на габни заболувања и се едни од најчестите преносители на вирусите во растенијата, вели Јовановски.

Во Пијанец поради влагата моментално состојбата на овошките е добра и според Јовановски се очекува добар род годинава.

-Ова особено важи за сливата која е најзастапена во овој крај, но добар род имаме и кај вишната која е доста застапена. На одредени насади на поголемите земјоделски поседи се забележува и добар квалитет на црешата, што покажува дека овоштарите годинава треба да бидат задоволни од произведеното, додава Јовановски.

Оштетување на насадите на модра слива годинава во Пијанец досега имаше само на неколку места во делчевско, каде поради појавата на врнежи од град, беше уништена површина од околу еден хектар со модра слива. вс/аа/

Back to top button
Close
Close