
Виница, 30 јануари 2020 (МИА) – Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2019 година имале вкупно 106 интервенции на терен во населените места и на отворен простор во општината.
Во споредба со претходниот едногодишен период, забележан е пораст на интервенциите за над една третина, при што дури 42 пожари се евидентирани во текот на месец март, а само по еден во јули и ноември.
– Од вкупниот број на регистрирани интервенции лани, нашата единица дури во 69 случаи гасеше оган на отворен простор. Притоа беше опожарена површина од 124 хектари, главно стрништа и пасишта, што е за четири пати повеќе споредено со 2018 година, а во овие пожари изгореа и 15 хектари шума. Освен тоа, интервениравме кај 22 пожари во деловни и семејни објекти, а двапати за гаснење запалени автомобили, истакна Станко Спасов, командир на ТППЕ од Виница.
Предизвиканата материјална штета од пожарите во Виничко е на слично ниво со претходниот период и се проценува на околу 229 илјади денари. Причина за скоро сите пожари бил човечкиот фактор, освен кај 11 случаи каде до запалување дошло поради краток спој на електричната инсталација во објекти и кај возила.
Освен со интервенции на територијата на општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во пет случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги од Берово, Кочани и Макеоднска Каменица.та/бк/