БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Вигемарк: Во Косово политиката се меша во судството

Новиот шеф на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) Ларс Гунар Вигемарк вели дека, и покрај извесниот напредок во работата на судовите и обвинителствата, во Косово и натаму може да се забележи мешање на политиката во судството, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 12 февруари 2020 (МИА) – Новиот шеф на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) Ларс Гунар Вигемарк вели декаи покрај извесниот напредок во работата на судовите и обвинителствата, во Косово и натаму може да се забележи мешање на политиката во судството, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за приштинска „Коха“, Вигемарк забележува дека корупцијата е и натаму присутна во земјата, додека надворешното влијание во кривичните процедури продолжува да претставува сериозен проблем.

– Корупцијата и натаму е распространета и тоа е вознемирувачки проблем. Борбата против корупцијата е забавена, посебно кога се работи за истражување и кривично гонење на случаите од висок профил. Надворешното влијание во кривичните процедури и натаму претставува сериозна пречка. Треба да се стори повеќе за ефикасна борба против корупцијата, преку унапредување на реформските процеси во областа на кривичното право и владеењето на законот, изјави Вигемарк.

Тој нагласува дека негова главна задача како нов шеф на ЕУЛЕКС е да ја одржи мисијата способна да служи на својата намена и да биде доверлив, фер и искрен партнер во секторот на владеењето на законот во Косово.

– Тоа е посебно значајно сега со новата Влада, чија нагласена цел е да се има независен, непристрасен и професионален правосуден систем во Косово и да се врати вербата во него, изјави Вигемарк.

Новиот шеф на ЕУЛЕКС вети поддршка на сите косовски институции, со цел тие целосно да ја преземат работата на потребните реформски процеси и европскиот пат на државата.

– Ова е посебно битно, имајќи ја предвид ревидираната методологија на проширување, која е усвоена минатата недела и која има за цел процесот на придружување кон Европската унија да стане веродостоен, со посилен, подинамичен и попредвидлив политички правец, вели Вигемарк.

Европската комисија, порача тој, нагласи дека основните начела, посебно владеењето на правото, треба да бидат главните начела на кои земјите ќе се придржуваат во процесот на придружувањето кон ЕУ.

Шведскиот дипломат Ларс Гунар Вигемарк стапи на должност на чело на ЕУЛЕКС на крајот на минатиот месец, а мандатот ќе му трае до 14 јуни 2020 година, кога, според претходни најави, треба да биде крајот на мисијата во Косово. иа/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close