ЕвропаЕвропа.Портал

Велика Британија речиси се откажала од надежта за договор за Брегзит

Британската Влада очекува идната трговија со ЕУ да се спроведува според правилата на Светската трговска организација, без да се постигне договор, пишува британскиот весник „Телеграф“.

Лондон, 22 јули 2020 (МИА) – Британската Влада очекува идната трговија со ЕУ да се спроведува според правилата на Светската трговска организација, без да се постигне договор, пишува британскиот весник „Телеграф“.

Министрите сметаат дека Лондон и Брисел нема да успеат да потпишат договор за нивните трговски односи по Брегзит. Во прашање се денови до истекот на рокот во кој британскиот премиер Борис Џонсон може да побара продолжување на рокот за преговори. Британските и европските преговарачи во понеделникот ја започнаа последната рунда разговори за клучните прашања, како што се правата за риболов и улогата на Европскиот суд на правдата.

Според високи извори, не се очекува да биде потпишан договор, иако е можно да се постигне „основен“ договор наесен, доколку ЕУ отстапи од сегашните позиции. Откако Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари оваа година, нејзините односи со блокот беа регулирани од преодните договори, кои ги задржуваат претходните правила сè додека не се постигне нов договор, потсетува британскиот весник „Индепендент“.

Џонсон во понеделникот изјави дека Велика Британија ќе преговара за идните односи на конструктивен начин, нагласувајќи дека Лондон не е подготвен да се откаже од своите права како независна држава. Минатата недела, центар за анализи предупреди дека голем број британски компании не се подготвени за последиците од Брегзит без договор, особено по кризата со новиот коронавирус. Според Институтот за управување, три од пет компании се уште не започнале да се подготвуваат за крајот на преодниот период. гт/

Таг
Back to top button
Close
Close