0_Македонија.ПорталДописници МКДКултураКултура.ПорталОпштински вести

Ѕвегорци се подготвуваат за василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова

Се е подготвено за годинешното издание на василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова, василичарски обичај кој долги години опстојува како култна традиција на жителите од делчевското село Ѕвегор. Ѓорѓи Манов кој е кум на овогодишното издание истакна дека настанот и годинава ќе продолжи во духот на традицијата долга 100 години.

Делчево, 11 јануари 2020 (МИА) – Се е подготвено за годинешното издание на василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова, василичарски обичај кој долги години опстојува како култна традиција на жителите од делчевското село Ѕвегор. Ѓорѓи Манов кој е кум на овогодишното издание истакна дека настанот и годинава ќе продолжи во духот на традицијата долга 100 години.
-Не сакаме многу да менуваме, туку и годинава Ѕвегорската Сурова ќе се организира во духот на традицијата која е стара околу 100 години. Почнала на тој начин што првите христијански семејства кои живееле околу Ѕвегор се маскирале од Луков Врв, Мановци и Дрндарица и доаѓале во Ѕвегор. Турците не давале да одат ноќе и затоа таа традиција е дење, додека во околината обичајот Сурова се прави ноќе, вели Манов.
Додава дека најголема забава на Сурова се прави при обидот да се открие маскираната невестата која е најважна маска во обичајот.
-Ако се открие невестата завршува обичајоти затоа ние ги викаме Белаци оние кои ја чуваат невестата. При обидот таа да биде откриена под превезот намаските често знае да настане театар во мало, при што поснажните луѓе сакаат да ја откријат, но Белаците со „кал’чките“ кои ги држат, не го дозволуваат тоа. Освен невестата и Белаците кои се најважни маски, тука се и попот, мечка, мечкар, мајмунка и мајмункар, едно време имаше маски наречени „пепелаши“ тие порано фрлаа пепел во очите на Белаците за да ја откријат невестата, додава Манов.
Годинава на Ѕвегорска Сурова повторно свое учество ќе земе и најстариот суроваскар Иван Гоцевски, кој учествува во василичарскиот обичај уште од негови 10 години.
-Почнав да учествувам кога имав 10 години, а сега имам 73 години, значи учествувам без прекин. Традицијата е наследство, штом јас не се откажувам, има наследници деца и истата ќе ја продолжат, вели Гоцевски.
Особен интерес за учество во Ѕвегорска Сурова годинава има и од помладата популација. Еден од оние кои ќе учествува е и младиот Ангелчо Величков.
-Учеството на Сурова значи една традиција која ни ја пренесуваат нашите предци, знаеме уште од стари времиња дека тие се маскирале и ние продолжуваме по нивните стапки, вели Величков.

За Суроваскарите по долгиот ден добро да закрепнат секогаш се тука говачите.

-Јас сум еден од главните готвачи на секоја Сурова, главно јадење годинава е грав со месо, а има и салати, месо и друго. Вечерта суроваскарите го донесуваат она што го собрале во текот на денот, се дава на готвачите, потоа тие ги тргаат маските, вечераат и се забавуваат до доцните часови, вели Љупчо Николовски.

Учесниците упатија отворена покана до сите граѓани на Делчево  пошироката околина да присуствуваат на овој обичај со кој ќе дадат свој придонес во одржувањето на неговата традиција. Како дел од поготовките за годинешната Ѕвегорска Сурова дел од маските денес ќе се претстават на карневал во соседна Бугарија. вс/сст/

Back to top button
Close
Close