0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Вархеји: Наспроти сите очекувања, пандемијата ги зацементира односите меѓу ЕУ и Западен Балкан

Влеговме во оваа криза заедно и треба да излеземе од неа заедно. Ние ќе го поддржиме економското закрепнување на регионот што истовремено ќе ги приближи партнерите поблизу до ЕУ. Наспроти сите очекувања, пандемијата ги зацементира односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, вели еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за „Јуроп Вестерн Балканс“.

Скопје, 6 мај 2020 (МИА) – Влеговме во оваа криза заедно и треба да излеземе од неа заедно. Ние ќе го поддржиме економското закрепнување на регионот што истовремено ќе ги приближи партнерите поблизу до ЕУ. Наспроти сите очекувања, пандемијата ги зацементира односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, вели еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за „Јуроп Вестерн Балканс“.

– Во мај, хрватската престолнина Загреб требаше да биде домаќин на самитот на ЕУ-ЗБ, каде лидерите, меѓу другото, требаше да го одобрат економскиот и инвестициски план за регионот. Овој план е една од трите низи на новиот пристап што ЕК го разви за регионот, за да ги надополни првите два: ревидираната методологија за проширување на ЕУ, што Комисијата ја изнесе во февруари за да го врати кредибилитетот на една од најважните политики на ЕУ и одлуката за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, одобрена од лидерите на ЕУ во март, заедно со ревидираната методологија, пишува Вархеји.

Тој наведува дека пандемијата со Ковид-19 не го отфрлила овој план и не ја променила целта, амбицијата и решеноста на ЕУ.

– Пандемијата силно ја погоди ЕУ и целиот и предизвика незамислива загуба на животи. Комисијата презеде вонредни мерки за поддршка и помош на земјите-членки во решавањето на кризата, да се зачуваат животи, заштита на здравствените системи и ублажување на социо-економското влијание. Но, во исто време Комисијата беше јасна дека пандемијата може да се победи само со глобално дејствување и со работа со партнерите. Никаде не беше ова очигледно отколку во Западен Балкан, регион во срцето на Европа и во целост опкружен со земјите-членки на ЕУ, наведува Вархеји.

Натаму додава дека Комисијата во втората половина на март презеде конкретни мерки за да обезбеди поддршка на сите партнери во регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија и оти мерките опфаќаа поддршка за итни потреби, како и закрепнување на економијата, а финансиски сега тие се неспоредливи со 3,3 милијарди евра грантови и заеми.

– Оваа солидарност не заврши тука: со оглед на нејзината европска перспектива, ЕУ го третира Западен Балкан како привилегиран партнер со тоа што им овозможува пристап до многу иницијативи и инструменти за земјите-членки. Ги поканивме владите да се приклучат на договорот за набавка на ЕУ за медицинска опрема, го ослободивме регионот од одобрението за извоз, додека зелените ленти за олеснување на транспортот на стоки беа проширени до границите со регионот. Регионот е поврзан со релевантни здравствени тела на ЕУ и земјите кои се во преговори ќе можат да го користат фондот за солидарност на ЕУ. Во исто време, ЕУ ја ценеше поддршката што ја доби од партнерите од Западен Балкан со медицински персонал и опрема, вели Вархеји.

Потсетува дека Самитот во Загреб ќе се одржи преку видео-конференција и оти ЕУ и регионот во оваа криза влегоа заедно и треба заедно да излезат од неа.

– Ние ќе го поддржиме економското закрепнување на регионот што истовремено ќе ги приближи партнерите до ЕУ. Нашите економии се тесно интегрирани, а економскиот и инвестицискиот план што сега се очекува во вториот дел од оваа година ќе бидат уште поважни. Целта е да се поттикне долгорочното закрепнување, да се модернизираат економиите, да се зајакне растот, да се поддржат реформите потребни на патот на ЕУ и со тоа да се започне со затворање на развојниот јаз со цел луѓето побрзо да ги почувствуваат придобивките.

Натаму наведува дека планот ќе се фокусира на поврзаноста, особено во транспортот и енергијата, и на економијата што работи за луѓето, исто така преку дигитална и зелена трансформација.

– Во наредните недели и месеци, регионот може да дава конкретни идеи и прредлози во врска со овој план и тесно да соработува. Регионалната соработка и добрососедските односи навистина ќе бидат клучни за економското закрепнување, заедно со продолжувањето на реформите, не значи само усвојување закони туку и нивна имплементација. Фокусот на владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација треба да продолжи, пишува Вархеји во колумната.

– Заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе излеземе од неа посилни: пандемијата со Ковид-19 јасно потврди дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Направивме важни чекори оваа година и покрај пандемијата и треба да продолжиме да градиме врз нив за вистински обединет европски континент, заклучува еврокомесарот за проширување. нд/са/

Таг
Back to top button
Close
Close