Svet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници Свет

В понеделник конститутивната седница на српскиот Парламент

Конститутивната седница на Собранието на Србија, на која ќе бидат потврдени мандатите на народните пратеници, ќе се одржи в понеделник на 3 август

Белград, 1 август 2020 (МИА) – Конститутивната седница на Собранието на Србија, на која ќе бидат потврдени мандатите на народните пратеници, ќе се одржи в понеделник на 3 август.

Претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ, ја свика првата седница на Собранието за понеделник, со почеток во 10 часот.

На агендата на Собранието, покрај потврдувањето на мандатите на пратениците, е изборот и на претседател на Националното собрание, избор на заменик претседател, именување на генерален секретар на Националното собрание и избор на членови на работни тела.

Изборите за пратеници на Собранието на Србија се одржаа на 21 јуни, а српското Собрание има 250 пратеници.

Според резултатите од изборите, листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ на Српската напредна партија (СНС) ќе има 188 пратеници, листата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и Единствена Србија (ЈС) освоија 32 мандати и изборната листа СПАС на Александар Шапиќ ќе има 11 пратеници.

Останатите пратенички места им припаднаа на малцинските партии во Србија.

Девет пратеници доби Сојузот на Унгарците во Војводина, четири мандати има листата на Муамер Зукорлиќ, која беше во коалиција со Демократската партија на Македонците, кои нема да влезат во Собранието, додека листата на Албанската демократска алтернатива ќе има три места. Листата на СДА на Санџак на Сулејман Угjaнанин ќе има ист број на пратеници.

Претседателот на Србија и лидерот на СНС, Александар Вучиќ, вчера изјави дека согласно српскиот Устав, мандатите ќе бидат верификувани во наредните неколку дена.

– Во согласност со Уставот, мандатите ќе бидат верификувани во наредните неколку дена. На крајот на август ќе биде и изборот на новата владата, истакна Вучиќ. об/ми/

Таг
Back to top button
Close
Close