БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Услови на ЛДК за коалиција со ВВ: Да го води Собранието до изборот на претседател на Косово

Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) денеска го извести Движењето Самоопределување (ВВ), кое како партија победничка на октомвриските парламентарни избори треба да ја формира новата косовска влада, за условите под кои ќе прифати да биде дел од идниот кабинет на лидерот на ВВ Албин Курти

Приштина, 15 јануари 2020 (МИА) – Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) денеска го извести Движењето Самоопределување (ВВ), кое како партија победничка на октомвриските парламентарни избори треба да ја формира новата косовска влада, за условите под кои ќе прифати да биде дел од идниот кабинет на лидерот на ВВ Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмото што попладнево го објави членот на раководството на ЛДК Авдулах Хоти, а кое партискиот лидер Иса Мустафа му го испратил на Курти, едно од барањата е ВВ да го отстапи местото на претседател на Собранието, односно од таа позиција да се повлече Глаук Коњуфца, кој на предлог на Курти беше именуван на конститутивната седница на новиот парламент, одржана на 27 декември.

ЛДК вели дека ќе му ја врати на ВВ функцијата собраниски спикер, откако, на нејзин предлог, ќе биде избран новиот претседател на државата, во април 2021 година, кога ќе му истече мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

– ЛДК ќе го има претседателот на Собранието до изборот на претседател на државата, потоа претседателот на Собранието ќе премине на ВВ. Ова подразбира дека во првата година од заедничкото владеење секој од партнерите ќе држи по една висока државна позиција (ВВ премиерската, ЛДК на претседателот на Собранието). Понатаму, во наредните три години, ВВ ќе има две високи државни позиции (премиерот и претседателот на Собранието), додека ЛДК една позиција (претседателот на државата, кој, пак, служи како обединувачки фактор според Уставот), се вели во писмото од ЛДК упатено до ВВ.

Партијата на Мустафа, освен тоа, го одбива и предлогот на Курти да се зголеми бројот на министерства во идната влада, од претходно договорените 12 на 14, што според приштинските медиуми беше обид да се одоброволи ЛДК за формирање на идната заедничка влада.

Досега опозициските ВВ и ЛДК победија на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври во Косово, со тоа што партијта на Курти освои 26,27, додека онаа на Мустафа 24,55 отсто од гласовите. иа/ссм/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close