0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталПолитика

Ѓурчиновски-Вeчиарели: Соработката на армиите продолжува во сите полиња и во формат на сојузници

Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, генерал Енцо Вeчиарели, на покана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, престојува во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, генерал Енцо Вечиарели, на покана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, престојува во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија.

Генералот Вечиарели, по пречекот со високи воени почести оствари средби со својот домаќин, генералот Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

На средбата, како што соопшти денеска канцеларијата за односи со јавноста во ГШ на Армијата, министерката Шекеринскa изразила полна поддршка за развој на соработката меѓу двете армии, која со членството на Северна Македонија во НАТО, прераснува во сојузничка.

– Полноправното членство во НАТО е прашање на денови, а со тоа ќе се зголемат нашите можности за соработка. Со членството во НАТО добивате нов сојузник на кој може да сметате, рекла министерката Шекеринска.

На состанокот во Генералштабот, покрај презентирање на мисијата и актуелните процеси кои се одвиваат во Армијата се разговарало на теми поврзани со процесите на интеграција и стандардизација по полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и разгледување на можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка и учеството во мировни мисии.

За време на официјалните разговори, генералот Ѓурчиновски изразил благодарност за посетата и континуираната поддршка што доаѓа во еден важен период за нас, кога, подвлекол, очекуваме полноправно членство во НАТО и со полн интензитет се спроведува процесот на трансформација на нашата Армија со цел потполна интеграција во НАТО структурата.

Генералот Вечиарели истакнувајќи дека соработката помеѓу нашите армии е особено значајна, нагласил дека соработката и поддршката ќе продолжат во сите полиња и во формат на сојузници. Тој изразил уверување дека Република Северна Македонија ќе има значајна улога за безбедноста на регионот и пошироко.

По средбите во Генералштабот и посетата на Канцеларијата за врски на НАТО, генералот Вечиарели во придружба на генералот Ѓурчиновски, оствари средба со претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Посетата на највисоко ниво од страна на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, која е меѓу најголемите и највлијателни земји на НАТО во Европа, покрај зајакнување на меѓусебните релации на воен план, претставува искажана доверба и признание за достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста на Армијата на Република Северна Македонија со армиите на земјите членки на НАТО. Како што стои во соопштението, покрај поддршката во областа на военото образование и обука од страна на ВС на Република Италија, од минатата година двајца наши припадници, штабни офицери, со кои го зголемивме учеството во мисијата „Унфил“, на Обединетите Нации во Либан, извршуваат задачи во состав на италијанскиот контингент. цр/ац/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close