0_Македонија.ПорталKultura.SlajderДописници МКДКултураКултура.Портал

Уметница од Кавадарци на виртуелен Фестивал за светска квир уметност во Солун

Уметницата Симона Манчева од Кавадарци учествува на третиот виртуелен Фестивал за светска квир уметност во Солун. Таа таму се претставува со цртежи од книгата-боенка „Индукција на права” за сексуалноста и сексуалната работа, издадена минатата година во соработка со ХОПС и со македонските сексуални работници.

Кавадарци, 21 јуни 2020 (МИА) – Уметницата Симона Манчева од Кавадарци учествува на третиот виртуелен Фестивал за светска квир уметност во Солун. Таа таму се претставува со цртежи од книгата-боенка „Индукција на права” за сексуалноста и сексуалната работа, издадена минатата година во соработка со ХОПС и со македонските сексуални работници.

– Што е страв, тоа е темата на фестивалот. Се работи за манифестација која трае цел месец, но за публиката целата уметност е отворена од вчера до 28 јуни. Има за цел да им понуди можност на недоволно застапените ЛБГТ-уметници, писатели и активисти од целиот Балкан и од другите избрани региони, да ја откријат својата уметност. Овојпат имаме дигитално прикажување на избрани дела, претстави и работилници, поезија и пишување, видео и филмски презентации, разговори или предавања. Сево ова треба да помогне да ја споделиме креативноста  на квир уметниците со пошироката публика, но и да се отворат нови патеки за поврзување и соработка со ЛГБТ-организации низ целиот Балкан и на меѓународно ниво, појасни Манчева.

Таа нагласи дека Солунскиот фестивал предвидува да ги менува длабоко вкоренетите погрешни сфаќања и предрасуди кон квир и ЛГБТ-заедницата преку уметнички и културни практики. Фестивалот бил основан во 2018 година и воден од посветен тим на волонтери.

Фестивалот е воден од вербата дека уметноста има моќ да отвори нови начини на комуникација, како и да служи како мост помеѓу разновидноста. Има за цел да поттикне дијалози и да развие алтернативни методи за решавање на социјалната дискриминација, додаде 31-годишната уметница, која е магистер по науки од ликовната уметност.

Според организаторите, појасни таа, Солун е стратешки лоциран помеѓу Балканот, Турција и Блискиот Исток, региони каде што ЛГБТ-заедниците честопати се маргинализирани. Се верува дека сево ова ќе придонесе за намалување на предрасудите кон различните и нивно прифаќање во сите овие земји. свд/хс/

Back to top button
Close
Close