0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталИнтервју

Тунтев: Создаваме можности за постојан влез на нови авиопревозници

Либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број европски земји ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) како институција е максимално посветена брзо и ефикасно да одговори на нивните барања во рамките на позитивните законски прописи. Покрај тоа, АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти што се заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските аеродроми, презентирајќи ги погодните услови и можности за развој на авиобизнисот кај нас, вели во интервју за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

Скопје, 14 декември 2019 (МИА) – Либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број европски земји ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) како институција е максимално посветена брзо и ефикасно да одговори на нивните барања во рамки на позитивните законски прописи.  АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти што се заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските аеродроми, презентирајќи ги погодните услови и можности за развој на авиобизнисот кај нас, вели во интервју за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

Во осврт за постигнувањата во авиосообраќајот во годината што изминува потенцира дека бројката на патници на македонските аеродроми надмина 2,5 милиони, просечно секој месец се реализираат по 15.000 летови над македонското небо, додадени се нови 10 дестинации за патување од аеродромите во Скопје и во Охрид, карго превозот бележи раст од 30 проценти…

Тунтев ги претставува планираните активности на АЦВ за следната година, ги објаснува причините за подготовката на новиот закон за цивилно воздухопловство, зборува за усогласувањето со меѓународните воздухопловни стандарди. Најавува и активности за промовирање на воздухопловството со голем аеромитинг во Скопје, како дел од јубилеите што ќе бидат одбележани следната година за 90 години од извршувањето на првиот меѓународен лет на скопскиот аеродром, 50 години од отворањето современ меѓународен аеродром во Охрид и 25 години од создавањето на македонските цивилни воздухопловни власти.

Како ја оценувате годината што изминува за развојот на авиосообраќајот во државава и што ќе биде во фокусот на работата на АЦВ за наредната година?

Во годинава што изминува авиосообраќајот кај нас достигна рекордно ниво на развој. Просечно секој месец на македонското небо се реализираат по 15 илјади летови, а во врвните периоди на сообраќајно оптоварување бројот на прелети во текот на еден ден надминува 1.000 операции. На двата македонски меѓународни аеродроми се прифаќаат и испраќаат повеќе од 2,5 милиони патници годишно, а овој број секојдневно расте. На скопскиот аеродром во текот на годинава оперираа 15 воздушни превозници, поврзувајќи го со 42 атрактивни дестинации, додека на охридскиот аеродром авионите од 13 воздушни превозници летаа на 20 европски дестинации.

Со континуитет во политиката за субвенционирање на летовите на нискобуџетните превозници и воведување нови дестинации, бројот на превезени патници и реализирани полетувања и слетувања на авиони порасна енормно. Изразено во проценти, таквото зголемување има двоцифрени вредности – на скопскиот аеродром се движи околу 10 проценти, додека на охридскиот аеродром ја надминува бројката од 60 проценти. Слична е состојбата и со превозот на карго, каде што годишниот пораст е поголем од 30 проценти. Само во последната година во редот на летање на двата аеродрома се воведени 10 нови дестинации. Сето ова создава неопходна потреба од развој, реализација и имплементација на нови проекти и активности, кои ќе овозможат целосно интегрирање на македонскиот воздухопловен транспортен систем во европската воздухопловна транспортна мрежа. Улогата и задачата на АЦВ е да обезбеди услови и можности за таквиот развој. Македонскиот воздухопловен транспортен систем треба да биде рамноправен и респектибилен партнер во семејството на современите европски и светски субјекти во воздухопловната индустрија. Нема здрав и забрзан економски развој без оперативен, ефикасен, безбеден и одржлив воздушен сообраќај и транспорт. АЦВ и во наредната година ќе се грижи воздушниот сообраќај да овозможи зголемен број превезени патници и карго на македонските аеродроми, побројни прелети на авиони во македонскиот воздушен простор, поврзување со уште поголем број европски и светски дестинации, зајакнување на заштитата на патничките права, интензивирање на спортско-рекреативните воздухопловни активности, поголема заштита на животната средина и повисоко ниво на безбедност на воздушниот сообраќај на македонското небо.

Агенцијата за цивилно воздухопловство од неодамна е дел од твининг-проект преку кој со хрватски искуства работи на подобрување на стандардите во согласност со Европската заедничка воздухопловна област коишто од останатите држави од регионот се веќе исполнети. Што значи целосната примена на тие стандарди и како стоиме во исполнување на обврските од членството во сите меѓународни воздухопловни организации?

Целосната примена на стандардите кои произлегуваат од Договорот за формирање Европска заедничка воздухопловна област, пред сè, ќе обезбеди одржлив развој на цивилното воздухопловство во Република Северна Македонија. Преку спроведување на активностите предвидени со твининг-проектот во областа на пловидбеност, лиценцирање, летачки операции и аеродроми, ќе се постигне усогласување на националната регулаторната рамка со законските прописи на ИКАО и ЕУ. Истовремено, ќе биде зајакнат оперативниот капацитет на Агенцијата за цивилно воздухопловство за спроведување на законските прописи на ЕУ преку изработка на работни процедури и упатства. Исто така, ќе биде подобрен и техничкиот капацитет на вработените во АЦВ што ги извршуваат надзорните инспекциски функции врз субјектите во авиоиндустријата, во согласност со безбедносните услови на ИКАО и ЕУ. На овој начин ќе се создадат услови за рамноправно членство на нашата држава во воздухопловното европско семејство.

 

Најавени се дополнителни вложувања од концесионерот ТАВ во аеродромите во Охрид и во Скопје меѓу останатото и за проширување на капацитетите со оглед на растот на бројот на патници. Во таа насока може ли да очекуваме влез на нови авиокомпании, евентуално отворање на темата за национален авиопревозник…

Сите субјекти во воздухопловниот транспортен систем треба да одговорат на современите барања и предизвици, а целта е да се обезбеди сигурен, уреден, ефикасен и еколошки одржлив транспорт на луѓе и стоки, во согласност со високите критериуми што произлегуваат од меѓународните стандарди и препораки. Покрај тоа, сите наши граѓанки и граѓани заслужуваат да имаат безбеден, евтин и лесно достапен воздушен транспорт, што ќе им овозможи повеќе патувања на атрактивни европски и светски дестинации. Аеродромскиот концесионер треба континуирано да работи врз подигнување на квалитетот на аеродромските услуги, па затоа е неопходно вложување во реконструкција и надградба на аеродромската инфраструктура. Во оваа фаза не се работи за дополнителни вложувања, туку за доисполнување на обврските на ТАВ Македонија што произлегуваат од концесискиот договор. Имено, со најавените измени и дополнувања на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство ќе бидат создадени услови за пренамена на дел од средствата во инфраструктурни инвестиции од јавен интерес, доколку стручната анализа покаже дека првичното договорено вложување во одредени проекти нема повеќе економска оправданост. На тој начин ќе биде овозможено дел од парите од концесискиот договор да бидат вложени во реконструкција, рехабилитација и проширување на постојните аеродромски инфраструктурни капацитети.

Од друга страна, либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број европски земји ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. АЦВ како институција е максимално посветена брзо и ефикасно да одоговори на нивните барања во рамките на позитивните законски прописи. Покрај тоа, АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти што се заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските аеродроми, презентирајќи ги погодните услови и можности за развој на авиобизнисот кај нас.
Што се однесува до прашањето за формирање национален авиопревозник, морам повторно да го реафирмирам моето лично мислење дека во овој момент нема економски одржливи перформанси и финансиски потенцијали, односно дека не постои економска оправданост за развој на еден таков застарен концепт. Имено, резултатите од досега извршените стручни истражувања, анализи и физибилити-студии кај нас, како и компаративните искуства од примерите од сите држави во регионот, покажуваат реални ненадминливи оперативни тешкотии на превозникот, сериозни финансиски предизвици за државата, неконкурентност на воздухопловниот пазар и неопходност од континуиран државен интервенцизам, наспроти современиот пристап во ЕУ за поддршка на пазарните вредности и лојалната конкуренција во давањето на воздухопловните услуги. Сепак, доколку се појави сериозен инвеститор во областа на воздушниот транспорт кој би сакал да влезе на меѓународниот пазар со современи авиони во македонскиот регистар, и доколку државата препознае економски интерес за заедничко вложување или друг вид јавно-приватно партнерство во авиобизнисот, тогаш АЦВ ќе биде целосно подготвена во рамките на нејзината надлежност да ги реализира сите неопходни активности тоа да го овозможи.

Во тек е подготвка на нов закон за цивилно воздухопловство. Зошто се носи нов закон и кои се клучните одредби?

Во согласност со преземените обврски од ратификуваните меѓународни договори, како и од членството во различните меѓународни организации од областа на воздухопловството, се наметнува потребата за постојано усогласување, како на Законот за воздхопловство така и на подзаконските акти што произлегуваат од него. Со новата Базна регулатива и соодветните имплементирачки правила со кои треба да се усогласиме со Мултилатералната спогодба за Европска заедничка воздухопловна област, се менуваат повеќе аспекти во различните области на воздухопловството. На пример, се укинуваат уверенијата за вршење превоз за сопствени потреби или за специјализирани услуги со воздухоплов. Понатаму, се предвидува испитите за стекнување дозволи на пилоти на авиони и хеликоптери, контролори на летање и некои други категории персонал во воздухопловството да не се спроведуваат во АЦВ. Исто така, се утврдуваат посебни овластувања за испитувачи за спроведување на овие испити итн.

Од таа причина се наметнува потреба за поголем број измени и дополнувања на постојните прописи, за да се создадат или изменат постојните правни основи. Од друга страна, основниот текст на Законот за воздухопловство е донесен во 2006 година, а оттогаш тој е променет 14 пати. Веќе имаме забелешки дека е тешко да се следат бројните измени и дополнувања. Од таа причина, со цел да се обезбеди полесна примена на Законот од страна на Министерството за транспорт и врски, АЦВ и сите субјекти од воздухопловната индустрија, се наметнува потребата од изготвување нов поприменлив негов текст.

Какви активности преземате за популаризација на воздухопловството, како една од мисијата на АЦВ?

Агенцијата за цивилно воздухопловство со низа пригодни настани се вклучи во одбележувањето на Меѓународниот ден на цивилното воздухопловство, 7 Декември, како исклучително значаен датум за чествување 75 години од постоењето на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ИКАО. Последна во низата активности беше подигнувањето на знамето на ИКАО на јарболот пред Министерството за транспорт и врски, со што уште еднаш симболично се покажа цврстата решеност на надлежните институции за доследна имплементација на меѓународните стандради, препораки и позитивни практики во областа на воздушниот сообраќај и транспорт.

Нашата држава стана полноправна членка на ИКАО веднаш по осамостојувањето, односно по приемот во ООН во 1993 година. АЦВ, како дел од светското семејство на цивилни воздухопловни власти, останува доследна на принципите за афирмација на домашното цивилно воздухопловство, како брз, ефикасен, сигурен, безбеден и еколошки одржлив воздушен транспорт.

Следната година е значајна за историјата на македонското воздухопловство – се навршуваат 90 години од извршувањето на првиот меѓународен лет на скопскиот аеродром, 50 години од отворањето современ меѓународен аеродром во Охрид и 25 години од создавањето на македонските цивилни воздухопловни власти. Тоа се значајни јубилеи за развојот на воздухопловството во Македонија, што треба да бидат одбележани на достоен начин. Нивното одбележување и чествување ќе бидат одлична можност за популаризација на воздухопловството, посебно кај најмладата популација, но и за поинтензивен развој на сите воздухопловни активности. За таа цел, планираме одржување поголем број манифестации, настани и пригодни свечености, со кои ќе бидат одбележани овие значајни јубилеи.

Меѓу останатите бројни активности во текот на целата година, за почеток на септември е предвидено одржување голем аеромитинг на скопскиот аеродром, со учество на голем број реномирани домашни и странски учесници од различни воздухопловни области, кој ќе претставува единствено доживување од таков вид за сите вљубеници во воздухопловството во нашата држава, за кој се надеваме дека ќе го привлече вниманието и на пошироката јавност.

Лидија Велковска

фото Дарко Попов

 

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close