Дописници МКДОпштински вести

Трибина за новата концепција на основното образование се одржа во Кочани

Новата образовна концепција за учениците од основните училишта беше претставена во Кочани на трибината „Темелна реформа за подобро, поквалитетно образование за нашите деца“, што ја организираше Општина Кочани.

Кочани, 18 мај 2021 (МИА) – Новата образовна концепција за учениците од основните училишта беше претставена во Кочани на трибината „Темелна реформа за подобро, поквалитетно образование за нашите деца“, што ја организираше Општина Кочани.

Пред родители, наставници, директори на основните училишта, на средбата на која присуствуваа и градоначалникот Николчо Илијев и општинските служби за образование, новата концепција за основно образование ја претстави проф. д-р Кирил Барбареев, еден од членовите на работната група за реформи во образованието.

– Новата образовна концепција ја спроведува Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за образование и развој. Притоа, опфатени се целите на основното образование, инклузивноста, родовата рамноправност, односно сензитивност и интеркултурноста, истакна Барбареев.

Со измените во образовниот систем се предвидени осум задолжителни предмети, поделени во две групи, при што во првата група ќе влезат мајчин јазик, математика, општествени науки, природни науки и англиски јазик. Овие предмети ќе се изучуваат од прво до деветто одделение, со фонд на часови што ќе зависи од возраста на учениците.

Учесниците на средбата ја истакнаа потребата учениците во основното образование да научат како да учат во натамошниот образовен процес и во животот воопшто, како критички да размислуваат, да го практикуваат наученото и како да се развива претприемачкиот дух.

Трибината се одржа во салата на Мултикултурниот центар во Кочани со спроведување на мерките и препораките за заштита од Ковид-19. та/хс/

Back to top button
Close
Close