Kultura.SlajderКултураКултура.Портал

Трибина за македонското женско писмо: Поетесите сѐ уште го немаат вистинското место во литературата

Голем дел од македонските писателки во втората половина на 20 век немаат вистинско место во македонскиот книжевен канон и тука е најголемата провокација зошто се решивме да ги отвориме овие средби, истакна проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска по  повод трибината за творештвото на македонските писателки што денеска ја организираше Друштвото на писателите на Македонија.

Скопје, 2 декември 2019 (МИА) – Голем дел од македонските писателки во втората половина на 20 век немаат вистинско место во македонскиот книжевен канон и тука е најголемата провокација зошто се решивме да ги отвориме овие средби, истакна проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска по  повод трибината за творештвото на македонските писателки што денеска ја организираше Друштвото на писателите на Македонија.

Нејзиното обраќање беше посветено на Даница Ручигај, Евгенија, Шуплиновска и Радмила Трифуновска кои, како што рече, се првите дами на модерната македонска поезија.  Сепак, рече таа, не треба да се зборува за женско и машко писмо, туку за тоа колку едно поетско писмо е добро или е недоволно добро.

Трибината „Македонско женско писмо: отворени прашања“, како штоп рече  Мојсова-Чепишевска , е прва фаза во организирањето вакви собири посветени на авторки, а целта понатаму е тие да бидат претставени во антологии.

Според проф. д-р Димитар Пандев, нашите први поетеси сѐ уште го бараат својот статус во литературата: Арса Стрезова, ќерка на готвачот во кујната на владиката Калиник, од која се испеани голем број песни за кои може да се утврди дека имаат и авторски интервенции, Дафина од Просеник на која особено внимание ѝ посветил Стеван Верковиќ или Дунава Тортевска – бабата која  му пеела песни на Васил Икономов.

Некои биле и иновативни, како што е примерот со Дафина Просеник, кај која се појавува слободниот стих што на времето им пречело на фолклористите.

-Од овие девојки, мајки, жени, баби го имаме поетскиот стимул што отпосле го издигнал македонскиот јазик на рамниште на литературен. Потоа ги имаме предвид и оние жени кои го спасиле македонскиот јазик во последната етапа на црковнонародната борба односно спроти македонската револуција.  Овие песни може да ги наречеме вечни, зашто во нив сѐ уште го имаме македонскиот јазик во сета убавина која е зачувана до ден-денес, и во поетиката, и во нарацијата, рече Пандев зборувајќи за „Женскиот поетски стимул во македонскиот 19 век“.

На настанот во ДПМ беше врачена и наградата „Даница Ручигај“ за 2019 која ја доби Марина Мијаковска за стихозбирката „Коскена“ во издание на „Дијалог“.  Им се доделува на писателки во чест на македонската поетеса Даница Ручигај, која трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1963 година.

„Коскена“ е петта стихозбирка на Мијаковска за која, како што рече таа, била инспирирана од творештвото на поетот Анте Поповски.

-Интертекстуално се повикувам на неговата поезија, како љубов кон Македонија, но низ женски пристап, низ една своја женска перспектива ја искажувам својата љубов кон Македонија и тоа што го имаме. Идејата на „Коскена“ е дека секогаш, и кога нѐ кршат и го кршат нашиот идентитет, треба да бидеме цврсти како коска, изјави Мијаковска.

Таа е доктор по филолошки науки и пишува и проза и научни прилози, но поезијата, рече, е нејзина прва љубов. За своето творештво досега ги добила Карамановата награда, „Бели мугри“ и Македонска книжевна авангарда.

На настанот посветен на жените писатели во ДПМ, со свои рецитали учествуваа и пет авторки од Битолскиот книжевен круг. хс/са/

Back to top button
Close
Close