0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштество

Три деца загинаа во експлозија во Романовце, на повредите им подлегна и 58-годишен маж

Три деца на возраст од осум, девет и единаесет години загинаа вчера во експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце. Повредени беа уште седум лица, кои се здобија со висок степен на изгореници. Пациентите од Кумановската болница беа препратени на лекување во Скопје. 

Скопје, 24 февруари 2020 (МИА) – Три деца на возраст од осум, девет и единаесет години и 58-годишен маж починаа вчера во експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце.

Повредени беа седум лица, кои се здобија со висок степен на изгореници, а меѓу нив и 58-годишниот маж кој подоцна им подлегна на повредите. Синоќа на Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје почина мажот, кој беше во критична состојба откако настрада во експлозијата. 

Пациентите првично беа хоспитализирани во Кумановската болница, но оттаму беа препратени на лекување во Скопје. Директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – ТОАРИЛУЦ  д-р Илир Хасани за МИА изјави дека во крајно тешка состојба се и две жени, на возраст од околу 30 и 50 години. Во критична состојба, пак, е еден повозрасен маж.

Во критична животна состојба се и четириесетгодишната жена и десетгодишното дете кои во моментов се на лекување во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје, каде е примена и бремена жена на возраст од околу 20 години, изјави за МИА директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје и дежурен хирург Љубен Арсенков.

Гинеколог ја прегледал пациентката, која е бремена во седми месец, и констатирал дека плодот е добар. Според првичната проценка, кај жената имало опеченост од 20-30 отсто и била примена во единицата за интензивно лекување.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера попладне беше во посета на повредените пациенти хоспитализирани на КАРИЛ. Филипче информираше за нивната состојба и нагласи дека се преземаат сите мерки за интензивно лекување и оти внимателно ќе се следи нивната состојба.

Според првичните податоци на СВР Куманово, несреќата се случила по експлозија на плинска боца во семеен дом на Ш.А. При експлозијата на боцата настанал пожар во кој три деца на возраст од осум, девет и 11 години загинале на местото на настанот.  Пожарот бил изгаснат од Противпожарната единица од Куманово. За случајот е известен јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово, кои се упатиле на местотот на настанот со цел утврдување на причините кои довеле до несреќата.

Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу вчера го посети селото, се сретна со мештаните и изрази сочуство.

– Заедно со заменик-директорот на Бирото за јавна безбедност и со заменик-началникот на СВР Куманово да изразиме сочуство до семејството Алими. Ова е навистина голема трагедија. За жал е констатирано дека три деца се починати на 10, 12 години, седум лица се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје, рече заменик-министерот Нухиу. Додаде дека се очекува конечниот извештај од Јавното обвинителство.

Жителите на Романовце не паметат ваква трагедија со голем број жртви и повредени од едно семејство. Претседателот на месната заедница Таџедин Есапи жали за трагедијата што се случи во нивното село во кое починаа три деца.

– Сите сме во жалост. Ваква трагедија немало во селото. Ми се јави кумановскиот градоначалник кој изрази сочуство и изрази подготвеност да му се помогне на семејството, вели Есапи.

Сочувство до семејството на загинатите вчера преку фејсбук изразија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на СДСМ Зоран Заев. Сите потенцираа дека се работи за ненадоместлива загуба, за загуба на детски животи и посакаа брзо закрепнување на повредените. мд/ац/

Back to top button
Close
Close