Некатегоризирано

Традиционален турнир на лицата со инвалидност по повод 3-ти Декември

По повод одбележувањето на 3. Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, денеска во Општина Кисела Вода беа доделени наградите за најдобрата екипа во ГОЛБАЛ (Фудбал за слепи и слабовидни лица) и на 33-те најдобри поединци на одржаните двонеделни турнири што Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди на Кисела Вода ги организираше за своите членови и спортистите со инвалидност од Град Скопје.

Скопје, 2 декември 2019 (МИА) – По повод одбележувањето на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност,  денеска во Општина Кисела Вода беа доделени наградите за најдобрата екипа во ГОЛБАЛ (Фудбал за слепи и слабовидни лица) и на 33-те најдобри поединци на одржаните двонеделни турнири што Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди на Кисела Вода ги организираше за своите членови и спортистите со инвалидност од Град Скопје.

Како што соопшти Општина Кисела Вода, овие натпревари, опремата и наградите, како и завршниот чин на третодекемвриските турнири беа под покровителство на Општината и градоначалникот Филип Темелковски со поддршка од директорот на Агенцијата за Млади и спорт Дарко Каевски.

Градоначалникот Темелковски го отвори турнирот и ги додели наградите на спортистите, додека директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Каевски ги додели дипломите на првонаградените и го затвори турнирот.

Во двонеделното одржување на турнирите продефилираа околу 134 учесници во повеќе дисциплини: шах за сите лица со инвалидност, пикадо за слепи и слабовидни лица, пикадо за лица со телесна инвалидност и глуви лица, пикадо за лица со психофизичка попреченост, пинг понг за лица со телесна инвалидност, глуви лица и лица со психофизичка попреченост, стрелаштво за лица со телесна инвалидност и глуви лица, голбал за слепи и слабовидни лица  и забавни игри (домино, бриџ и јамб).

– ССРИ- Кисела Вода може слободно да се пофали од успешно завршената  година на спортски план и постигнатите поединечни и екипни успеси во сите спортови, на одржаните Државни првенства, Лига натпреварите во пинг понг, турнирите во спортско стрелаштво, натпреварите во шах и голбал за слепи лица и се помасовно вклучување на младите во спортот и рекреацијата на лицата со инвалидност, наведува Општина Кисела Вода.

Воедно, градоначалникот Темелковски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Каевски на присутните спортисти им ветија дека ќе продолжат да работат на подобрување на условите за спортување во постоечките и ќе се заложат за изградба на нови спортски објекти. вг/сп/

Back to top button
Close
Close