0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономијаОпштество

„Тиквеш“ со онлајн дегустација на „Тераса во сенка“: Како да добивме „златна палма“ во Кан

Како да добивме „златна палма во Кан, вака накусо претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски го прокоментира освоениот медал на натпреварот „Мундус Вини“ - еден од најголемите и најпрестижните во светот, за црвеното вино „Terrasse à l’Ombre“ од бербата 2018.

Скопје, 23 април 2021 (МИА) – Како да добивме „златна палма во Кан, вака накусо претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски го прокоментира освоениот медал на натпреварот „Мундус Вини“ – еден од најголемите и најпрестижните во светот, за црвеното вино „Terrasse à l’Ombre“ од бербата 2018.

На онлајн брифингот со новинарите на кој беше организирана и дегустација на „Terrasse à l’Ombre“, Јаневски уште еднаш нагласи дека „Тиквеш“ е вистински амбасадор на Северна Македонија.

-Ние не се компарираме со некој од соседството, туку излегуваме на отворен пазар. Гордост ни е што направиме подем и во Франција. Земјата е организирана во делот на продажбата, маркетингот и овозможува многу полесен пристап до она што значи колективно знаење за вината и енологијата. Но, нема да застанеме тука. Отвореноста, науката и традицијата, остануваат наше мото, истакна Јаневски.

Осврнувајќи се на актуелната состојба со винарството кај нас, Јаневски оцени дека се уште немаме винска индустрија или барем не призната, имаме само лозаропроизводители. Знаењето и можностите, порача, мора да се искористат за да го подигнеме квалитетот, а неопходно е и „лесно“ преструктуирање.

-Ние што сме родени во Југославија имавме друг, отворен пристап и колективно знаење на голема земја. Денес, се повеќе влегуваме во филозофијата на Енвер Хоџа дека се што се случува, се случува до границата на Бујановац. „Тиквеш“ излезе од контурите на изолација и им овозможи на младите да го „соџвакувааат“ фактот дека влегуваме во понапредна индустрија, потенцира Јаневски.

Според главниот енолог во „Тиквеш“, Марко Стојаковиќ кој најави и почеток на органско производство, наградата за „Terrasse à l’Ombre“ не дојде туку така. Една година се барала идеална локација за правење врвно вино, а потоа се селектирале најдобрите парцели.

„Terrasse à l’Ombre“ или „Тераса во сенка“ е произведено на поседот на „Тиквеш“ во Шато де Гурдон, Франција, а освои голем златен медал на „Мундус Вини“ во Германија. Виното е прогласено и за најдобро од целиот регион на долината на реката Рона. Ваквото постигнување, според „Тиквеш“, се вбројува меѓу најголемите успеси на македонските винарници, бидејќи се должи на уникатниот спој меѓу македонското енолошко искуство и француското поднебје.

Како што беше речено на дегустацијата, виното е купажа во која доминира црниот гренаш, со специфично влијание на зачинскиот карактер на сортата сира. Шато де Гурдон постои од 1870 година, а од 2018 година е дел од системот на „Тиквеш“. Лозјата кои се дел од овој посед зафаќаа 50 хектари во долината на јужна Рона и се сместени во единствено поднебје, изложени на сонце и на свежината на ветрот Мистрал во текот на целиот ден. Тие се издигаат од песочен терен богат со речен камен кој во текот на ноќта зрачи со топлина акумулирана во текот на денот и така му помага на гроздот совршено да созрее. Единствената микроклима и составот на почвата го стимулираат високиот квалитет на секој грозд, кој потоа се бере рачно, за на крај да се преточи во комплексни и неповторливи вина. мч/дма/

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close