Дописници МКДОпштински вести

Тетово и Куманово разменуваа практики за превенција и справување со насилен екстремизам

Претставници на тетовската и кумановската локална самоуправа денес во Тетово одржаа работна средба за размена на најдобри практики во насока на превенција и справување со насилен екстремизам.

Тетово, 29 јануари 2020 (МИА) – Претставници на тетовската и кумановската локална самоуправа денес во Тетово одржаа работна средба за размена на најдобри практики во насока на превенција и справување со насилен екстремизам.

Организаторите на средбата, невладините организации Меѓународен републикански институт  и Нексус – граѓански концепт, го потенцираа успешното и лидерско искуство на општина Куманово во државата.

– Добрите практики на Локалниот совет за превенција во Куманово може да укажат како во Тетово истиот да биде поактивен. Кумановскиот совет успешно врзува во партнерство повеќе институции, рече Афродита Муслиу од Нексус – граѓански концепт.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски потенцира дека по пат на дијалог, дискусија, треба да се работи на темата во јавноста и така се доаѓа до поголеми резултати.

– Едноставно превентивно се делува на одреден план на заштита на општеството од потенцијални ризици, подобро е да се разговара пет пати отколку да се делува со репресивни средства кои ги има единствено полицијата. Имаме многу случаи каде млади групи знаат да се радикализираат, на спортски настани, манифестации, за верски радикализам, но отворено и активно се зборува и работи на превенцијата на општеството.

Според него, во земјава првенствено треба да се негува традицијата и мултиетничкиот карактер.

– Секој денар вложен на полето на превенција по години се враќа 20 пати повеќе. Многу е добро да потрошите на старт помалку средства, а повеќе време да се посветите на една тема отколку да се генерира одреден проблем и да морате истиот да го санирате дополнително, рече Димитриевски, нагласувајќи оти самата санација остава последици во општеството.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи нагласи дека поминала деценија како Локалниот совет во Тетово одржува редовни средби со сите делови на институциите, како што се СВР, ОБСЕ и други кои се важни за овој процес.

– Можам да се пофалам во секторот образование и полиција затоа што ни беше многу важно во нашите училишта да имаме стабилни ситуации. Важен состанок за две општини каде има претставништва на ОБСЕ, со оглед дека глобалните опасности се сериозни и треба да има и локални мерки да се превенираат тие ситуации, изјави Арифи.

Претставникот на Националниот комитет за справување со насилен екстремизам и тероризам при Владата Џемаил Ајвази истакна дека телото не се ограничува на владин и невладин сектор, туку кон сите чинители кои може да придонесат во превенција. ас/сп/

Back to top button
Close
Close