БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Тачи му го додели на Хоти мандатот да ја формира новата влада на Косово

Претседателот на Косово Хашим Тачи му го додели попладнево на потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти мандатот да ја формира новата влада, со оглед дека на актуелната, предводена од Албин Курти, на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 30 април 2020 (МИА) – Претседателот на Косово Хашим Тачи му го додели попладнево на потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти мандатот да ја формира новата влада, со оглед дека на актуелната, предводена од Албин Курти, на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од кабинетот на Тачи се наведува дека тој го потпиша декретот за именување на Хоти за мандатар и истиот го достави до Собранието на Косово.

Според претседателскиот декрет, Хоти има рок од 15 дена да го поднесе до Собранието предлогот за составот на новата Влада.

Тачи објави дека го доделил мандатот на кандидатот на ЛДК за премиер, откако таа партија соопшти дека го обезбедила потребното парламентарно мнозинство за изгласување на новата влада.

Претседателот на државата нагласи дека сите дејствија во правец на формирањето на новата влада ги презел согласно неговите уставни и законски надлежности и овластувања.

Мандатарот Хоти тврди дека ќе ја формира владата заедно со Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, со кои вчера и денеска ЛДК потпиша договори за коалиција, како и со Српската листа (СЛ) и со партиите на другите немнозински етнички заедници. ЛДК и Хоти тврдат дека го обезбедиле потребното мнозинство во актуелниот собраниски состав за изгласување на новата Влада.

Партијата на вршителот на должноста премиер Албин Курти, Движењето самоопределување (ВВ), се противи на формирањето нова влада и тврди дека единствено уставно решение во ваква ситуација се вонредни парламентарни избори, кои би се одржале веднаш по надминувањето на кризата предизвикана од епидемијата на новиот коронавирус.

ВВ најави дека дејствијата на Тачи во правец на формирање на нова влада и нејзиното евентуално изгласување од страна на Собранието ќе ги оспори пред Уставниот суд на Косово. иа/

Таг
Back to top button
Close
Close