0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдерSvet.SlajderСветСвет.Портал

СЗО: Новиот коронавирус засега нема да биде прогласен за глобална здравствена закана

Комитетот за итни случаи при Светската здравствената организација (СЗО) соопшти дека нема да ја прогласи новата епидемија на коронавирус за глобална закана за здравјето, но дека членовите на комисијата ќе се сретнат повторно во случај на натамошно влошување на ситуацијата.

Женева, 23 јануари 2020 (МИА) – Комитетот за итни случаи при Светската здравствената организација (СЗО) соопшти дека нема да ја прогласи новата епидемија на коронавирус за глобална закана за здравјето, но дека членовите на комисијата ќе се сретнат повторно во случај на натамошно влошување на ситуацијата.

– Немојте погрешно да нè сфатите, станува збор за здравствена закана за цела Кина, но тоа не е глобална криза, рече претставник на Светската здравствена организација. – Сè уште многу работи ни се непознати. Ние не го знаеме изворот на вирусот; не разбираме колку лесно се шири, не знаеме како се шири и не ги разбираме целосно неговите клинички карактеристики или сериозноста на последиците од инфекцијата, додаваат од СЗО.

– Она што го знаеме е дека повеќето починати имале други здравствени проблеми пред инфекцијата, како што се хипертензија, дијабетес или кардиоваскуларни заболувања, кои го ослабнале нивниот имунолошки систем, објаснуваат од Организацијата.

СЗО не препорача дополнителни ограничувања за патувања или трговија, но препорачува безбедносна здравствена проверка на аеродромите.

Според СЗО, глобална здравствена закана ( Public Health Emergency of International Concern, PHEIC) е вонредна состојба која, поради опасност од ширење на некоја болест во повеќе од една земја, се заканува дека ќе стане „ризик за јавното здравје“ во повеќе земји и поради тоа е неопходен „координиран меѓународен одговор“ . Според меѓународните здравствени договори од 2005 година, државите имаат законска обврска да одговорат брзо кога ќе биде прогласена глобална здравствена закана.

Прогласувањето глобална закана по здравјето е многу редок случај. Во изминатата деценија СЗО прогласи само пет светски здравствени кризи, во случајот со вирусот Х1Н1 што предизвика пандемија во 2009 година, епидемијата на ебола во Западна Африка во 2014 година, вирусот Зика во 2016 година и појавата на ебола во Демократска Република Конго во  2019 година. ссм/

Таг
Back to top button
Close
Close