0_Македонија.ПорталОпштество

Светски ден на семејните и општи лекари

Под мотото „Семејните – општи лекари на првата линија во справување со Ковид 19“, Здружението на лекари по општа семејна медицина (ЗЛОМ/СМ) заедно со Центар за семејна медицина Медицински факултет - Скопје и годинава го одбележува 19 мај - Светскиот ден на семејните и општи лекари.

Скопје, 19 мај 2020 (МИА) – Под мотото „Семејните – општи лекари на првата линија во справување со Ковид 19“, Здружението на лекари по општа семејна медицина (ЗЛОМ/СМ) заедно со Центар за семејна медицина Медицински факултет – Скопје и годинава го одбележува 19 мај – Светскиот ден на семејните и општи лекари.

Во време на пандемијата на Ковид 19, матичните лекари беа и се уште се на првата линија во справување со овој вирус. Следејќи ги насоките на Министерството за здравство и ФЗОМ, ги спроведоа принципите на семејната медицина, дадоа сеопфатна, специфична и континуирана здравствена заштита за сите пациенти.

Со нивната ангажираност и посветеност, го амортизираа притисокот врз секундарно и терциерно ниво и допринесоа за успешно справување со пандемијата, намалување на кривата на новозаболени и неоптоварување на болничкиот сектор.

Пандемијата, сите здравствени работници, особено матичните лекари активно ги вклучи во едукација, скрининг, тријажа, дијагноза и третман во домашни услови на пациенти со Ковид 19, велат од ЗЛОМ/СМ и Центарот за семејна медицина Медицински факултет.

Посочуваат дека од воведување на алгоритмот за скрининг за Ковид 19 од 23 март до 30 април, матичните лакари вкупно закажале 3 131 пациенти за контролни брисеви, а 730 пациенти со докажан вирус Ковид 19 беа следени на домашен третман.

Во споредба со јануари-март, во април бројот на посети кај матичен лекар е преполовен и во просек имало по 17 прегледи на ден.

Бројот на упати кон секундарно специјалистичко-консултативна амбуланта се намалени за шест пати (од 233 887 во јануари, 127 225 март и 37 000 април), а преполовени се и итните упати (од 17 354 на 8 211 упати во април).

Оваа статистика не ја вклучува секојдневната ангажираност преку непосреден контакт во поддршка на пациентите и нивните семејствата. Матичните лекари стојат зад оваа успешна грижа и комуникација со пациентите кои пак и им дадоа силна поддршка и ги почитуваа препораките. Во актуелните отежнати услови за работа ЗЛОМ-СМ, заедно со Центарот за семејна медицина при Медицински факултет – Скопје, организираа on line едукации за матичните лекари за тема новиот вирус Ковид 19, за употребата на личната заштитна опрема, предавања за ментално здравје и хронични незаразни заболувања.

– Предизвици ќе има и во период што следи. Матичните лекари активно ќе се вклучат во холистичко решавање на проблемите со кои се соочуваат пациентите од социјален, психолошки и физички аспект, со особен акцент на пациентите кои го прележаа вирусот на Ковид 19. Во следниот период ќе се внимава на раното откривање на можните последици од него за кои се уште малку се знае: срцева слабост, коагулопатии, тромбоза на длабоки вени, бубрежни заболувања кои се опишуваат како можни компликации од Ковид 19. Внимателно ќе се следат пациенти со постоечки незаразни болест во нови услови на комуникација. Предизвик на матичниот лекар е и решавањето на проблемите со менталното здравје и домашното насилство кои уште повеќе ја нагласуваат нивната улога, бидејќи повторно е ставен на првата линија, првиот контакт со пациентите и препознавањето и поддршката на пациентите.Секако дека тоа дополнително ќе го зголеми интензитетот на употреба на здравствени услуги, се наведува во соопштението од ЗЛОМ/СМ и Центарот за семејна медицина.

Во наредниот период матичните лекари ги очекуваат нови предизвици: развивање на дигитални решенија за комуникација во примарна заштита и електронска комуникација со секундарно и терциерно ниво; инвестиции во ПЗЗ и финансиска поддршка на амбулантите на семејниот-општиот доктор се со цел да може да обезбеди квалитетна здравствена грижа кон пациентите; јакнење на мултисекторската соработка со патронажните сестри, социјалните служби; воведување на новиот модел на примарна заштита и примена на упатства за најчестите хронични незаразни заболувања.

– Пациентите му веруваат на својот матичен лекар.Треба да бидеме горди на придонесот на матичните лекари во справувањето со оваа светска криза. Честитки до сите семејни општи лекари, останете горди и обединети. Не заборавајте, заедно ќе ги надминеме сите проблеми, порачуваат од Здружението на лекари по општа медицина/семејна медицина и Центарот за семејна медицина, Медицински факултет Скопје, по повод 19 мај – Светскиот ден на семејните и општи лекари.са/

 

Back to top button
Close
Close