Дописници МКДОпштински вести

Студенти од Виница добија стипендии од Здружението „Свет крст“

Дваесет и двајца редовни студенти од Виница, кои студираат на јавните универзитети во земјата, денеска ги потпишаа договорите за деветмесечно стипендирање што го обезбедува граѓанското здружение „Свет крст“.

Виница, 7 февруари 2020 (МИА) – Дваесет и двајца редовни студенти од Виница, кои студираат на јавните универзитети во земјата, денеска ги потпишаа договорите за деветмесечно стипендирање што го обезбедува граѓанското здружение „Свет крст“.

Вкупната финансиската поддршка, што изнесува околу 400 илјади денари, е обезбедена со донации од стопанските субјекти и од буџетот на Општината, а  се однесува за тековната студиска година.

– Стипендиите во висина од две илјади денари месечно ги доделуваме за периодот од октомври минатата година до јуни годинава. Изборот на студентите беше направен врз основа на претходно објавени критериуми, при што во обѕир се земаат месечниот приход по член од семејството и  бројот на студенти во едно семејство. Исто така, предност за добивање на поддршката имаат деца на самохрани родители, истакна Ивица Димитров, претседател на здружението „Свет крст“.

Димитров додаде дека минатогодишните стипендии за 21 студент се веќе исплатени, а во најскоро време ќе почне реализацијата и на новите договори.

Доделувањето на финансиската помош за студентите, Здружението „Свет крст“ го почна пред десетина години, а по неколкугодишниот прекин активноста беше обновена во 2018 година. За целиот изминат период стипендирани се стотина студенти кои главно се школуваат на високошколски установи чии струки се дефицитарни во општина Виница.та/скс/

 

 

 

Back to top button
Close
Close