Дописници МКДОпштински вести

Студениот бран ја пролонгира испораката на ран заленчук од Струмичко

Студениот бран ја пролонгира испораката на ран заленчук од Струмичко и заради тоа трговците ги известуваат странските партнери дека договорените количини ќе бидат доставени подоцна. Згора на тоа, извозниците стравуваат дека и дел од договорените количини со пролетна зелка, домати и краставици нема да можат да ги испорачат, бидејќи годинава за 10 до 15 отсто се намалени површините засеани со овие култури.

Струмица, 5 април 2021 (МИА) – Студениот бран ја пролонгира испораката на ран заленчук од Струмичко и заради тоа трговците ги известуваат странските партнери дека договорените количини ќе бидат доставени подоцна.

Згора на тоа, извозниците стравуваат дека и дел од договорените количини со пролетна зелка, домати и краставици нема да можат да ги испорачат, бидејќи годинава за 10 до 15 отсто се намалени површините засеани со овие култури.

-Уште од рано утринава испраќам барања до партнерите да ги продолжиме договорените рокови за испорака, бидејќи студот овие денови го забави производството на пролетната зелка. За неа има голем интерес, но засега не сме во состојба да ги исполниме договорите за овој период од производствената сезона. Се надевам дека нашите барања ќе бидат прифатени и во наредните денови производството ќе се нормализира и ќе продолжиме со договорената извозна динамика, вели трговецот Блажо Витанов од компанијата „Империјал фруит“.

Додава дека деновиве завршил и откупот на последните количини зимска зелка, која се откупила по 15 денари за килограм.

-И покрај откупната цена од 30 денари за килограм пролетна зелка, нема доволно количини. Заради тоа е намален и извозот на лутата пиперка, која се откупува од 3 до 3,5 денари за парче, а нејзиниот пласман зависи од пролетната зелка со која заедно се траснпортираат, посочува Витанов.

Производителите на лута пиперка од стаклениците и пластениците од селото Банско, пред кои е екот на производстствената и откупна сезона, се задоволни од откупната цена, но стравуваат дека поради застојот на пласман на пролетната зелка, со кој е поврзан и извозот на лутата пиперка, може да се случи намалување на откупот и пад на цените.

-Производството од ден во ден се зголемува и откупната цена од 3,5 денари за парче засега е добра. Има интерес за лутата пиперка и на големо тече бербата. Се надевам дека временските услови ќе се подобрат и ќе овозможат да продолжи бербата на пролетната зелка, рече Даме Тренчовски, производител на лути пиперки од селото Банско, каде производството стасува порано заради користење на термалните води од извори во истоименото село.

Според трговците намаленото и ненавремено стасано производство на пролетна зелка им задава и проблеми во пакувањето, бидејќи плодовите се со тежина од околу половина килограм. Затоа, гајбите се пополнуваат со повеќе повеќе плодови отколку што е договорено со купувачите, а таквото производство не е најисплатливо и за производителите.

Инаку, на почетокот на извозот на пролетната зелка трговците дневно извезуваа од 100 до 150 тони, кои претежно се пласираа на пазарите во Србија, Хрватска, Романија и Украина. рт/сст/

Таг
Back to top button
Close
Close