0_Web_АктуелноKultura.SlajderКултураКултура.Портал

Струшки вечери на поезијата во скратена форма, лауреатот на „Златниот венец“ ќе дојде идната година

За да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август. Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, Комисијата за заразни болести го одобрила подготвениот протокол за негово организирање.

Скопје, 14 август 2020 (МИА) – За да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август. Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, Комисијата за заразни болести го одобрила подготвениот протокол за негово организирање.

-Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, поради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60-то издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен „Златниот венец“, заедно со лауреатот за 2021 година, соопштија од СВП.

Повеќе од 30 домашни и странски поети ќе учествуваат на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која  ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем-поети од земјава и од странство.

Согласно со протоколите за организација на настани во услови нa пандемија, СВП подготви предлог-протокол за одвивање на фестивалот, што беше одобрен од Комисијата за заразни болести. За намалување на ризикот од ширење на вирусот, како и заштита на здравјето на учесниците и на публиката, оваа година има измена на локацијата на одржување на фестивалот. Најсоодветна алтернатива за организација на програмата, наведуваат од СВП, е покриената тераса на хотел „Дрим“, на која и вообичаено се одвиваат дел од програмските активности во редовните изданија на фестивалот.

– Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, но програмата на фестивалот, почнувајќи од минатогодишното издание, целосно се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од поширок аудиториум. Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија. Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје – Струга – Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија, се наведуива во соопштението од дирекцијата на Струшки вечери на поезијата. хс/са/ 

 

Back to top button
Close
Close