Дописници МКДОпштински вести

Струмичките пожарникари добија ново теренско возило и опрема

Територијалната противпожарна единица во Струмица денеска, преку проект финансиран од ЕУ, доби ново теренско возило за гаснење шумски пожари, противпожарна опрема и одела, опрема за реакција во случај на поплави и друга специјализирана опрема.

Струмица, 29 април 2021 (МИА) – Територијалната противпожарна единица во Струмица денеска, преку проект финансиран од ЕУ, доби ново теренско возило за гаснење шумски пожари, противпожарна опрема и одела, опрема за реакција во случај на поплави и друга специјализирана опрема.

Донацијата ја предаде градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој истакна дека Општината и во изминатиот период со свои средства набавила интервентни одела, работни униформи и заштитна опрема за сите пожарникари.

-Теренското возило заедно со целокупната опрема ја сочинуваат модуларен систем од два независни модули-Модул „Шумски пожари” и Модул „Поплави”. Во рамки на двата модула, набавена е придружна опрема, која се ссостои од систем за гаснење на пожари со екстремно висок притисок, генератор на електрична енергија, водени пумпи, чамец на надувување, осветлувачки јарболи, рефлектори, елеци за спасување, одела за спасувачи, противпожарни палки, заштитни одела, заштитни чизми, дефибрилатор за прва помош на граѓани, истакна градоначалникот Јаневски.

За командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, донираната опрема значи многу за секојдневното работење.

-Со новото теренско возило ќе можеме да интервенираме на места каде не можат да се пробијат нашите возила. Ова возило има резервоар од 400 литри вода и моторна пумпа за вода. И останата опрема многу ќе ни значи во гаснењето на шумски пожари. Покрај тоа, неодамна од Владата, преку Дирекцијата за заштита и спасување, добивме донација на опрема која се користи во случај на земјотреси и други елементарни непогоди, рече Гудев.

Проектот „Заштита на локалното население од општините Петрич и Струмица од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот” е финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија во вредност од 119 илјади евра, а се спроведува во партнерство со бугарската општина Петрич.

Следниот месец треба да биде организирана заедничка обука за пожарникарите од Струмица и Петрич, а во завршна фаза е и подготовката на едукативна брошура наменета за едукација на учениците од основното образование и поголема сигурност на локалното население во случај на природни катастрофи и елементарни непогоди. рт/сст/

Таг
Back to top button
Close
Close