Дописници МКДОпштински вести

Струмица одбележа 76 години од ослободувањето

На Спомен костурницата над Струмица денеска со пригодна свеченост беше одбележана 76-годишнината од ослободувањето на градот.

Струмица, 11 септември 2020 (МИА) – На Спомен костурницата над Струмица денеска со пригодна свеченост беше одбележана 76-годишнината од ослободувањето на градот.

За значењето на празникот зборуваше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

– Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои не потсетуваат дека слободата во која сите ние живееме, уживајќи ги нејзините благодети, е извојувана со непокор, верба и пролеана крв. Таа непобитна вистина, тој светол ден од нашата историја, е убаво парче од мозаикот на севкупното наше постоење и од постоењето на овој град. 11 Септември е јазол кој цврсто ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Овие три нешта мора да живеат во букет, како што живеат трите збора кои започнуваат на истата буква-Струмица, Септември и Слобода, истакна градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Рецитаторите од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за денот на ослободувањето на градот, а претставници на локалната самоуправа, Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата.

Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат вечер со отворање на традиционалната изложба од делата создадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“.рт/скс/

Back to top button
Close
Close