Дописници МКДОпштество

Странски автомобили зачестено го користат полначот за електрични возила во Битола

Туристи од западна Европа, деновиве зачестено со своите возила застануваат на станицата за полнење електрични автомобили во Битола.

Битола, 22 јули 2021 (МИА) – Туристи од западна Европа, деновиве зачестено со своите возила застануваат на станицата за полнење електрични автомобили во Битола.

Од битолски ЈП Паркинзи за МИА потврдија дека во текот на вчерашниот ден е регистриран невообичаено голем интерес и евидентирани се возила со регистарски таблици од Норвешка, Швајцарија, Белгија и Романија кои ги користеле услугите на станицата за полнење на своите електрични возила.

-Полначот за електрични автомобили го поставивме кон крајот на 2019 година, но се чини во овој период е најискористен. На големиот општински паркинг кој е лоциран на сообраќајницата која Битола ги поврзува со Охрид и граничниот премин Меџитлија, деновиве зачестено застануваат возила со странски регистарски таблици и возачите ги полнат своите електрични возила, потврди Зоран Дојчиновски, директор на ЈП Паркинзи-Битола.

Како што е познато проектот на ЕВН Македонија за поинтензивно користење на електрични возила во Северна Македонија го прифати Општина Битола и притоа обезбеди локација со паркинг места и инфраструктура за бесплатно полнење со електрична енергија на електрични автомобили.

-Во Битола нема ниту еден сопственик на електричен автомобил кој би можел непречено да ја користи бесплатната услуга, но затоа во градот деновиве пред Илинден пристигнуваат наши иселеници кои имаат електрични автомобили, но и транзитни туристи од Норвешка, Швајцарија, Белгија, Романија и други европски држави кои лесно на мапата со станици за овој вид полначи ја пронаоѓаат нашата локација, времено престојуваат, а потоа по неколку часа го продолжуваат своето патување кон Охрид или соседна Грција, појасни Дојчиновски.

Во Битола во моментов има само еден полнач за електрични автомобили, а со проект за реконструкција на спортската сала во овој град планирано е инсталирање на нови полначи кои ќе користат сончева енергија за производство на електрична енергија употреблива за електрични автомобили.мт/вј/

Фото МИА

Back to top button
Close
Close