• среда, 24 април 2024

Отворена библиотека „Земи книга, остави книга“ во Струга

Отворена библиотека „Земи книга, остави книга“ во Струга

Струга, 29 март 2023 (МИА) - „Земи книга, остави книга“ е мотото на новата отворена Библиотека во Струга, лоцирана во дворот на средното училиште „Нико Нестор“, проект реализиран од Центар на заедницата на општина Струга и еколошкото друштво КАБ Струга.

Идејата, како што информира Ндерим Положани од КАБ Струга, е да има отворнео катче каде стружани ќе можат да земат книги за читање, но и да остават книги за други читатели. Мини библиотеката е во форма на некогашната Саат-кула, што, според него, ќе служи како потсетување дека во Струга постоело такво историско дело.

- Со ова сакаме да дадеме придонес да се иницира читањето во градот на поезијата. Отворената библиотека ќе им служи на сите граѓани без разлика на етничка и верска припадност, истакна Положани за МИА.

Првично, нагласи,мини објектот сакале да го постават во центарот на градот, но Локалната самоуправа немала предвидено простор, па затоа ја ставиле во дворот на средното училиште.

- Интереот е голем. Кога и да поминам има ученици и други граѓани, кои доаѓаат донираат книги, но и земаат за читање. Објектот се полни, забележа Положани.

Во отворената Библиотека се оставаат книги на македонски, англиски, албански, турски, но и други јазици. Секој што е заинтересиран може да дојде и да ја побара посакуваната содржина. сс/

Фото: МИА

Остани поврзан