• петок, 19 април 2024
МИА Радио флеш

29 март 2023

- На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека неговиот австриски колега Александер Ван дер Белен, кој во придружба на сопругата Дорис Шмидауер, престојува во официјална посета на земјава. Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.

- Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска во Скопје, заедно со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Ољта Џачка, заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети и советникот за надворешна политика на премиерот на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ лансираше нова платформа „Западен Балкан КВАД - 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ”.

- Судскиот совет на денешната 436-та седница ги избра Анита Бошковска и Катерина Георгиевска за судијки во Врховниот суд од граѓанска област. На огласот за избор на четири судии во Врховниот суд, од кои двајца за кривична област и двајца за граѓанска област, беа пријавени по петмина кандидати, но Судскиот совет не избра ниту еден од петмината кандидати за судии од кривична област.

- Судскиот совет на денешната 436-та седница ги избра Даут Рустеми и Александар Милошески за судии во Апелационен суд Гостивар од кривична област. Судскиот совет согласно закон судиите ги избира со најмалку осум гласа „за“ од судиите со право на глас и гласа од прворангираниот се до изборот на потребниот број судии согласно објавениот оглас. 

- Судскиот совет на денешната 436-та седница го реизбра судијата Хасан Асани за претседател на Основниот суд Тетово. Судијата Хасан Асани, кој доаѓа од Основниот суд Тетово, беше избран со 9 гласа „за“ и три против.

- МВР информира дека во текот на вчерашниот ден во спроведена засилена акциска контрола на територијата на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, биле санкционирани 170 возачи. Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 102 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 68 надвор од населено место.

- АД ЕСМ вчера произведe 15.347 мегават часови електрична енергија, која е намената за домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални државни субјекти, информираат од Владата.

- Поради промена на шибер во шахта ф 80 мм, без вода од 10:50 часот се корисниците од бул.„Јане Сандански“ згр.66, згр.68 и дел од ТЦ Бисер. Прекинот во водснабдувањето ќе трае до за вршување на работите, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.

- Украинскиот претседател Володомир Зеленски го повтори барањето на Киев за помодерно оружје, посочувајќи дека некои елементи испорачани од западните земји, не функционирале. За време на овонеделното патување во погранични и региони покрај линијата на фронтот, Зеленски беше придружуван од новинари на Асошиејтед прес при што Зеленски зборуваше за ветеното оружје наспроти добиеното, пренесува Хина.

– Јужна Кореја и САД спроведоа големи амфибиски јуришни вежби со мобилизација на десантни бродови, стелт ловци и хеликоптери, соопшти јужнокорејската војска. Вежбите наречени „Сангјонг“ што значи „двоен змеј“, се кулминација на големите сојузнички маневри што ќе траат до следниот понеделник во и околу градот Поханг, 272 километри југоисточно од Сеул.

- Светската здравствена организација (СЗО) ги промени препораките за вакцини против Ковид-19, сугерирајќи дека високоризичните популации треба да добијат дополнителна доза 12 месеци по последниот бустер. Според СЗО, постарите луѓе се изложени на висок ризик, како и помладите луѓе кои имаат други значајни фактори на ризик. За нив, организацијата препорачува дополнителна доза шест или 12 месеци по последната доза.

- Олимпискиот шампион во бокс Владимир Кличко од Украина изјави дека претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах им служи на руските интереси поради предлогот за повторен прием на спортисти од Русија и Белорусија на меѓународните спортски натпревари. Меѓународниот олимписки комитет вчера го потврди својот став дека на руските и на белоруските спортисти треба да им се дозволи да се натпреваруваат во меѓународниот спорт под неутрално знаме и покрај војната во Украина.

- Американскиот милијардер Илон Маск и група стручњаци за вештачка интелигенција (ВИ) бараат шестмесечен прекин на системите за обука. Во отвореното писмо тие наведуваат дека овие системи се помоќни од неодамнешното лансирање на понапредната верзија на четботот „Чет-ГПТ“ на „Опен АИ“. Писмото е потпишано од над 1.000 луѓе, меѓу кои и Маск, натаму - Емад Мостак, извршен директор на „Стабилити АИ“ и истражувачот од „Дипмајнд“, Стјуарт Расел. 

Остани поврзан