• сабота, 04 мај 2024

ЕУ ги продолжи санкциите против одговорните за поткопување на Молдавија и Мјанмар 

ЕУ ги продолжи санкциите против одговорните за поткопување на Молдавија и Мјанмар 

Брисел, 27 април 2024 (МИА) – Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување за една година на режимите на рестриктивни мерки кон физички и правни лица одговорни за активности насочени кон дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста на Молдавија и кон поткопување на демократијата и сериозни кршења на човековите права во Мјанмар. 

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година. Рестриктивните мерки поврзани со Мјанмар, кои се продолжени до 30 април 2025 година, во моментов важат за вкупно 103 физички лица и 21 субјект. 

На физичките и правните лица опфатени со санкциите им се замрзнува имотот и на субјекти од ЕУ им е забрането директно или индиректно да им доставуваат средства на располагање или да им овозможуваат пристап до економските ресурси. Дополнително на поединците подложни на санкциите им е забранет влез и транзит низ територијата на ЕУ. 

Со санкциите за Мјанмар се воведува и ембарго за извоз на оружје, опрема за следење на комуникациите што може да се користи за внатрешна репресија и на стоки за двојна употреба на мјанмарската армија и граничната полиција, како и забрана за воена обука и соработка со Вооружените сили на земјата. Со рестриктивните мерки, исто така, се замрзнува финансиска помош и поддршка од ЕУ за мјанмарската Воена хунта, што би можеле да се сметаат за нејзино легитимирање. 

Во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан на 21 и 22 март, европските лидери ја реафирмира  својата посветеност да ја обезбеди сета релевантна поддршка на Молдавија за справување со предизвиците предизвикани од руската агресија врз Украина и за зајакнување на отпорноста, безбедноста и стабилноста на земјата од дестабилизирачките активности на Русија и нејзините сателити. Режимот на рестриктивните мерки на ЕУ насочени кон лица одговорни за поддршка или спроведување активности за поткопување или загрозување на суверенитетот, независноста, демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на Молдавија беше воведен лани во април. Дополнително, на Самитот на ЕУ на 14 декември минатата година беше донесена одлука за старт на преговорите за членство со Молдавија. Земјата доби статус на земја на кандидат за членство во ЕУ на 23 јуни 2022 година. 

ЕУ ги воведе првите рестриктивни мерки поврзани со Мјанмар на 22 април 2013 година. Дополнително санкциите беа проширувани по воениот удар од 1 февруари 2021 година и континуираната воена и полициска репресија во следните години. Со одлуката за ново продолжување на овие санкции, ЕУ ја реафирмира својата најсилна осуда на воениот удар во Мјанмар и неговите последици и ја изразува својата длабоко загриженост поради континуираната ескалација на насилството и конфликтот во земјата, проследени со репресивни неселективни акции од страна на армијата врз населението, со сериозно кршење на основните човекови права и со непочитување на принципите на правдата и хуманоста. ЕУ ја потврдува својата непоколеблива посветеност на потрагата на народот на Мјанмар за слободна, мирна и демократска иднина, посочува ЕК. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан