• понеделник, 08 декември 2025

Девет студенти од штипскиот Универзитет почнуваат со практична настава во Општина Штип

Девет студенти од штипскиот Универзитет почнуваат со практична настава во Општина Штип

Штуп, 19 ноември 2025 (МИА) - Девет студенти од Правниот, Економскиот и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во наредните три месеци ќе одат на пракса во Општина Штип. Студентите, професорите од УГД-Штип, претставници на Општина Штип и УНДП денеска во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ја имаа првата средба.

Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова вели дека целта е да се обучи млад кадар за работа во јавен сектор, но и да може да работи во реалниот сектор.

-Со проектот сакаме да ги отвориме вратите на општината, да го покажеме принципот на работа пред студентите и истите да се стекнат со предзнаења за моментот кога ќе почнат со нивното официјално вработување, вели Шорова- Ангелова.

Проректорот за развој, инвестиции и одржување при УГД-Штип, Дарко Лазаров истакна дека ова е можност студентите да се стекнат со практично искуство, односно со вештини во различните сектори во општината, кои понатаму ќе им помогнат полесно да се вработат.

-На овој начин Универзитетот уште еднаш ја потврдува својата заложба и својата мисија, покрај модерно теоретско знаење да им овозможи на своите студенти проширување на своите теоретски хоризонти со практично искуство, практични вештини, изјави Лазаров.

Тој додаде дека на денешната средба е разговарано и за проширување на соработката во делот на практичната настава. Студентката Искра Апостолова трета година на Правниот факултет при УГД-Штип вели дека за студентите оваа практична настава во општината претставува предизвик за да се развијат професионално и лично и верува дека ќе ја завршат успешно оваа три месечена практична настава.

-Праксата верувам дека е клучна за секој студент, особено во овој период додека сме на нашите студии да ја поткрепиме теоријата којашто ја знаеме и претпоставувам дека секој од студентите сака да види одблиску како функционира локалната самоуправа и кој се нејзините предизвици, вели Апостолова.

Финансиската поддршка за практичната настава на студентите во Општина Штип, ја обезбедува УНДП. Драган Ристовски вработен во Програмата за развој во УНДП вели дека овој проект е дел од воспоставување на ресурсен центар во Општина Штип. Посочи дека ова е модел, којшто сакаат да го развијат и во иднина да го понудат на други општини, универзитети и факултети во земјата.

 -На еден начин да помогнеме во процесот на спречување на одлевање на умот и образованиот кадар од државата, односно што повеќе млади луѓе да се задржат во државата со стекнување на практични искуства и започнување веднаш во работниот процес, изјави  Ристовски.

Волонтерската работа на деветте студентите од трите факултети при УГД ќе трае три месеци, а паричниот надоместок за студентите ќе изнесува по 6.000 денари. вдј/вј/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан