• четврток, 28 март 2024

Во следните три години реализација на проектите за справување со загадувањето на воздухот и подобрување на условите на граѓаните

Во следните три години реализација на проектите за справување со загадувањето на воздухот и подобрување на условите на граѓаните

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Во следните три години ќе се реализираат проектите „Справување со загадувањето на воздухот“, чија што цел е да ги поддржи локалните власти во градовите кои имаат сериозни проблеми со загадувањето на воздухот - Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга, при откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите на партнерските организации, како и подигање на јавната свест.

Исто така, во овој период ќе се реализира и проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“. Двата проекти се дел од програмската рамка за соработка меѓу Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“ (BMCPI) ќе придонесе да се адресираат дел од најитните предизвици со кои се соочуваат локалните самоуправи во напорите да ги подобрат условите за живот на граѓаните.

И двата проекта ќе се реализираат од декември 2022 година до април 2026 година.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска на конференција информираше дека вкупна вредност на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти” е 2,6 милиони долари, од кои 1.8 милиони долари се обезбедени од страна на Шведската меѓународна агенција за развојна соработка (СИДА), 500,000 долари од страна на Бирото за регионален развој, а кофинасирање од околу 240,000 долари се очекува да биде обезбедено од страна на општините. 

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов  Фото/ Министерство за локална самоуправа 

За техничкот фонд за изработка на проектна документација се наменети 1,5 милиони долари.

-Постојат многу извори на средства за финансирање на проекти, но потребно е да се има добар, комплетен и конкурентен проект. Досегашното искуство покажува дека отсуствува квалитетна понуда на проекти од страна на општините, дури и кога имаме обезбедено средства. Во процесот на интегрирање во Европската Унија покрај усогласување на законодавството, треба да покажеме и капацитетност за имплементирање нафондовите на Европската Унија, согласно нивните правила, појасни Пенов.Првиот повик за општините и за Центрите за развој се очекува веќе во април.- Важно е проектите да ги следат глобалните развојни трендови и да се вклопат во глобалната агенда за оддржлив, зелен и инклузивен развој за да бидат препознаени и високо рангирани од финансиските институции. Поддршката ја имаат, се надевам дека општините паметно ќе ја искористат за да може процесот да се затвори до крај, до целосна реализација на проектите кои што ќе бидат понудени од нивна страна, додаде Пенов.

Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова на денешната конференција рече дека секоја помош при решавање на проблемот со загадување на воздухот е добредојдена, а особено кога е од нашите билатерални партнери, како што е случајот со Шведска.

Таа додаде дека ова е само мал дел од изнаоѓање на решението со проблемот, мора и понатаму да продолжиме со нови мерки и активности кои ќе помогнат во намалување на загадувањето на воздухот.

Фото/ МИА

Постојниот претставник на УНДП Армен Григорјан посочи дека УНДП ги поддржува општините во Северна Македонија повеќе од две децении и соработува со сите општини во земјава. Како што рече, во моментов активно се партнери со околу 60 општини.

Како што потенцираше, ќе воведат знаење, наука и институционална помош, визија, оптимизам за да се справат со проблемот со загадувањето на воздухот во земјата и особено во овие пет општини, користејќи современа опрема која ја набави Шведска за оваа цел, а универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ќе спроведе студија во пет градови, за да ги одреди изворите на загадување со воздухот.

-Задоволство ми е денес да го најавам лансирањето на програмската рамка за партнерство со Шведската агенција за развој СИДА и УНДП, кој што ќе ја врами имплементацијата на два особено важни проекти поврзани со националните приоритети на земјава, а се фокусирани на општините. Важно е да се посочи дека програмската рамка беше воведена како резултат на успешното имплементирање на првите фази од овие проекти. Проектните активности ќе обезбедат поддршка на локалните власти за детектирање и мерење на изворите на загадувањето на воздухот и идентификувањето на соодветни мерки за справуавње со проблемите, рече Григорјан.

Тој додаде дека секоја од петте општини ќе добие средства за имплементација на мерките кои ќе се справуваат со загадувањето на воздухот.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи напомена дека Бирото ќе стои на располагање на сите општини за овој проект да биде целосно успешен и да биде реализиран на време.

-Бирото за регионален развој и сега им помага на општините за аплицирање, за конкурирање, за консултации. Ние како Бирото за регионален развој детектиаравме дека на општините им недостасуваат големи проекти на кои би можеле да аплицираат, додаде Реџепи на конференцијата. бт/аа/

Фото: МИА/МЛС

 

Остани поврзан