• четврток, 16 мај 2024

Белгискиот Совет за здравство предлага забрана за ноќните летови на аеродромот во Брисел 

Белгискиот Совет за здравство предлага забрана за ноќните летови на аеродромот во Брисел 

Брисел, 8 мај 2024 (МИА) - Високиот совет за здравство на Белгија повика на забрана за ноќните летови на бриселскиот аеродром Завентем, врз основа на анализи за здравствените последици од бучавата и загадувањето на воздухот од авионите. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Советот во своето барање наведува дека најмалку 160.000 луѓе, кои живеат во близина на аеродромот, се изложени на зголемен ризик од негативни последици по нивното здравје, како што се нарушени режим на спиење и функција на белите дробови и промени во срцевиот ритам. 

Кон крајот на март годинава, фламанската министерка за животна средина Зухал Демир му додели нова еколошка дозвола на бриселскиот аеродром. Според Демир, со дозволата се прави баланс меѓу економските интереси на аеродромот и интересите на оние што живеат во неговата околина, но со неа не се предвидува целосна забрана за ноќните летови. 

Но, според Советот, секоја година расте бројот на научни докази за штетните ефекти на бучавата.  

- Бучавата води до иритација и проблеми со спиењето. Истражувањата, исто така, покажуваат дека таа е поврзана и со поголем ризик од кардиоваскуларни болести, проблеми со учењето кај децата на училишна возраст и негативно влијание врз менталната благосостојба, зголемувајќи го ризикот од депресија, се наведува во препораката на Високиот совет за здравство, изработена на барање од белгиската Федерална влада, која пред година и половина побара од ова државно советодавно тело да формулира мислење за степенот до кој аеродромот во Брисел влијае врз здравјето на локалните жители.  

Во извештајот се додава и дека Советот внимателно ги испитал и здравствените прашања поврзани со загадувањето на воздухот предизвикано од авионите.  

Неколку студии покажуваат дека на краток рок емисиите на честички од авионите главно доведуваат до намалена функција на белите дробови и промени во срцевиот ритам. На подолг рок, постои врска со кардиоваскуларни болести, а исто така, на пример, и со помала тежина на новородените бебиња, се додава во извештајот. 

Од овие причини, Советот предлага забрана на летови од и до аеродромот помеѓу 23 и 7 часот, како и дополнително мерење на последиците од бучавата. Советот, исто така, смета дека треба да се намали концентрацијата на летовите во раните утрински часови и навечер.  

- Генерално, не е пожелно зголемување на бројот на летови и на нивната фреквенција, препорачува Советот за здравство. сп/ 

Фото: Фејсбук 

Остани поврзан